Свештеникот Стеван Здравевски од Преспанско-пелагониската епархија на МПЦ-ОА повторно ја нападна Владата поради процесите на дигитализација, овој пат реагирајќи на идејата за воведување дигитални возачки дозволи и лични документи.
Во објава на социјалните мрежи, Здравевски тврди дека со дигиталните документи, кои според неговото толкување го сведуваат човекот на идентификациски број, се брише личниот идентитет и човекот престанува да биде личност.
Свештеникот ја споредува дигитализацијата со системот на идентификација на затворениците и логорашите, кои, како што наведува, не биле препознаени по име и презиме, туку по број.
Во својата објава тој оди и чекор понатаму, поврзувајќи ја дигитализацијата со сатаната и Антихристот. Според Здравевски, дигиталниот идентитет претставува „дигитален логор на сатаната“, а граѓаните кои ќе прифатат дигитални документи го добиваат „бројот на Антихристот 666“.
-На сатаната му пречи ликот на човекот затоа што човекот е образ Божји и името му е од Бога дадено, затоа важен му е бројот да знае колкав број души погубил во пеколот. На Бога Му е важен ликот и името, затоа во Црквата најважно е името со име се крштеваме, со име се миропомазуваме, со име се причестуваме, со име се венчаваме, со име се погребуваме, со име се опеваме и т. н. т. Ете затоа е ова дигитализација за давање број на секого и бришење на идентитетот на личноста и името. Од сето ова очигледно е на кого му служат овие политичари на Бога или на Ѓаволот! ЗАТОА АПЕЛИРАМ ДО СИТЕ КРСТЕНИ ДА НЕ СЕ ЛАЖАТ ДА СЕ ДИГИТАЛИЗИРААТ БИДЕЈЌИ СО ТОА ВЛЕГУВААТ ВО ДИГИТАЛНИОТ ЛОГОР НА САТАНАТА И ГО ДОБИВААТ БРОЈОТ НА АНТИХРИСТОТ 666, ЗА КОЈ ШТО Е ПРОРОКУВАНО ВО СВ. ОТКРОВЕНИЈЕ, пишува Здравески на фејсбук.

