Почетна Вера МПЦ-ОА Триумфален пречек на Иконата на Свети Ѓеорѓи Победоносец во Рајчица
Триумфален пречек на Иконата на Свети Ѓеорѓи Победоносец во Рајчица

Триумфален пречек на Иконата на Свети Ѓеорѓи Победоносец во Рајчица

2.86K
0

Чесната и осветена икона на Свети Георгиј Победоносец, попладнево пристигна во својот дом – манастирот во дебарското село Рајчица, каде беше пречекана од неколку илјади верници од сите делови на државава.

Со благослов на Епископ Антаниски г. Партениј, претставници од Свештената бигорска Обител иконата ја однесоа и беше осветена во Света Гора, во двата манастира на Великиот Победоносец, Ксенофонт и Зограф и од денеска е моќен чувар на Раичкото сестринство, но и за благослов и поткрепа на сите кои со вера ќе ѝ притекнуваат.

Таа е идентична копија на чудотворната икона на Светиот Великомаченик, којашто во 15. век на манастирот Зограф на Света Гора му ја подарил големиот добротвор на православните светињи, легендарниот молдавски војвода Свети Стефан III Велики.

-Во овие мигови сум исполнет со една неопислива радост зашто, ете, по милоста Божја и со посредништвото на Христовиот воин, се исполни еден наш долготраен и силен копнеж. Ќе исповедам дека се радувам што и во Рајчичкиот манастир како светол дијамант ќе свети иконата на Светителот заштитник, подобно како што е тоа и во Бигорскиот манастир. Торжеството на срцето ни е дополнително наградено и поради фактот дека оваа духовна возвишеност ги надминува времето и просторот и нè поврзува со вековните нишки на нашето неисцрпно духовно наследство, рече меѓу другото владиката Партениј во обраќањето пред неколку илјади верници од сите делови на државава.

Оваа икона, додаде, во себе содржи еден изобилен наратив на вера, благочестие, храброст и на Божествени чуда.

-И не само тоа! Таа постана и сврзно ткиво помеѓу минатото и сегашноста, а воедно и одраз на непрекинатата заштита што Свети Георгиј штедро ја пружа на родот на Христијаните през вековите. Така, присуството на овој Христов Светија низ историските раздобја, ни открива и една сјајна фигура од овие простори, истоименита со Свети Георгиј. Тоа бил овдешниот регионален херој на правата вера во вистинското Божјо откровение, легендарниот Георгиј Кастриот, познат како Скендербег, кој со својата непоколеблива посветеност и со својата бестрашна храброст во борбата против Османлиите, го возвисил двоглавиот орел, симболот на византискиот модел за коегзистенција, како свое знаме. Тој не само што се потпрел и се повикал на наднационалната ромејска традиција, која, како што спомнавме, е заедничкиот именител на сите народи кои живееја и создаваа во таа едност – нешто што никогаш не смееме да го напуштаме и што треба да го вреднуваме како наше најскапоцено наследство – туку и ги олицетворил нејзините вредности на вера, храброст и посветеност, служејќи како вечен пример за сите нас, посочи владиката.

Нагласи дека токму во неговата жртва го гледаме вдахновението од неговиот личен патрон, Великиот Победоносец, кој чудесно ја ткае духовната поврзаност со еоните и со личностите. Впрочем, овој средновековен владетел, покажувајќи се како непоколеблив поборник за Христијанството, исто така се удостоил да биде наречен Атлет Христов.

-Денешниов свечен настан, ова наше свештено собрание, е една наша заедничка благодарност кон славниот Великомаченик, без чиишто помош и заштита ништо од ова што го гледаме денес, ниеден ѕид од овој сега веќе прославен Манастир, не ќе постоеше. Затоа, Свети Георгиј Победоносец останува за нас непресушна инспирација за вера, храброст и креативност. Сакан и најсакан, славен и преславен, најмил и возљубен наш Свети Георгие, добредојде дома! Благословот твој и застапништвата свети нека бидат со сите нас, посака владиката Партениј.

-Како плод на молитвите на нашиот старец, владиката Партениј, ни пристигна иконата, преку верната копија на неговиот чудотворен молдавски образ. И како што сами можевте да видите иконата беше пречекана со големи почести, параден оркестар и воена гарда нешто што не е ново туку е вообичаена практика и традиција во сите демократски земји коишто имаат христијанско наследство, изјави за присутните новинари сестра Ефимија.

Веднаш по пречекот и поклонението пред чудотворниот образ, одржана беше празнична Вечерна богослужба, додека утре во 9 часот ќе се одржи Божествена Архиерејска Литургија.

/МИА, фото: МИА

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *