Светскиот совет на цркви и Московската патријаршија повторно на маса: разговор за војната, мирот и црковните поделби

Date:

Share post:

Директен разговор за војната и мирот, но и за верските слободи, црковните односи и нуклеарното оружје – ваква била содржината на средбата меѓу Светскиот совет на цркви  и Руската православна црква во Женева.

Генералниот секретар на ССЦ, Џери Пилај, на 15 септември разговарал со митрополитот Антониј, претседател на Одделот за надворешни црковни односи на Московската патријаршија. Во разговорот преку интернет се вклучил и модераторот на Централниот комитет на ССЦ, епископот Хајнрих Бедфорд-Штром.

Средбата била организирана како консултација во рамки на напорите на Светскиот совет на цркви за дијалог и мир, но темите што биле отворени покажуваат дека разговорот се одвивал околу дел од најчувствителните прашања со кои денес се соочуваат црквите.

На маса биле војната, мирот, верските слободи, односите меѓу црквите, нуклеарното оружје, како и начинот на кој црквите треба да зборуваат и дејствуваат во услови на војна и насилство.

По средбата, Пилај ја опишал размената како „искрена, отворена и конструктивна“.

Особено го издвоил продолжувањето на дијалогот.

„Јасно беше за сите учесници на средбата дека ни требаат повеќе вакви разговори, а не помалку“, рекол генералниот секретар на ССЦ.

Според него, црквите треба заеднички да зборуваат против насилството и неправдата, а до такво заедничко сведоштво може да се стигне преку дијалог.

Пилај притоа предупредил дека спротивната насока води кон продлабочување на поделбите.

„Алтернативата на средбата и дијалогот е само поголема поделба и конфронтација“, изјавил тој.

Разговорот се одржал во контекст на 15-годишнината од усвојувањето на „Екуменскиот повик за праведен мир“, документ со кој ССЦ ја постави темата за мирот и улогата на црквите во спречувањето и надминувањето на конфликтите.

Пилај по средбата повторно ја нагласил намерата на ССЦ да делува како мост меѓу страните поделени од конфликти и несогласувања.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img