На Света Гора ќе биде изграден нов повеќенаменски регионален медицински центар, наменет за обезбедување здравствена грижа за монасите и илјадниците поклоници кои годишно го посетуваат атонскиот полуостров.

Проектот ќе биде финансиран со 3,4 милиони евра од Грчката држава, поточно Регионoт Централна Македонија, а одлуката за финансирање ја потпиша регионалната гувернерка Атина Ајдона.
Новиот медицински објект ќе функционира под надлежност на 4-та Регионална здравствена управа на Грција, а ќе биде изграден во рамките на Светиот манастир Ватопед, еден од најстарите и најзначајни манастири на Света Гора.
Според Ајдона, проектот ќе го надмине долгогодишниот недостиг на организирана здравствена инфраструктура на Света Гора и ќе претставува значаен придонес за атонската монашка заедница.
„Регионoт Централна Македонија континуирано ја поддржува Света Гора преку проекти за заштита на нејзиното архитектонско, културно и духовно наследство, како и преку подобрување на инфраструктурата и условите за живот на монасите и поклониците“, изјави регионалната гувернерка.
Новиот центар ќе биде проектиран така што целосно ќе се вклопи во традиционалниот архитектонски и природен амбиент на Света Гора. Објектот ќе има две подземни нивоа со површина од по 400 квадратни метри, како и надземен дел од 150 квадратни метри.
За изградбата ќе бидат користени материјали кои ќе одговараат на специфичниот изглед на атонската архитектура, а објектот ќе биде поставен на парцела со површина од 697,66 квадратни метри.
Изградбата на медицинскиот центар е дел од пошироките напори на грчките власти и регионалните институции за подобрување на условите за престој и заштита на уникатното наследство на Света Гора, која е под заштита на УНЕСКО.

