Советникот на патријархот Московски и на сета Русија Кирил, протоереј Николај Балашов, остро ги критикуваше естонските власти поради предлогот на Естонската православна христијанска црква да ѝ биде одземен Соборниот храм „Свети Александар Невски“ во Талин, оценувајќи дека ваквите иницијативи потсетуваат на ставовите на националистите, германските нацисти и советскиот тоталитарен режим.
Реакцијата следува откако естонската јавна радиотелевизија ERR објави дека министерот за внатрешни работи Игор Таро предложил да се раскине договорот за бесплатно користење на катедралниот храм од страна на Естонската православна христијанска црква (ЕПХЦ), која до неодамна беше позната како Естонска православна црква на Московската патријаршија.
„Жално е што поимите за слобода и почитување на човековите права денес толку грубо се газат во Естонија од неуки политички вандали“, изјави Балашов за руската агенција РИА Новости, додавајќи дека никој не им порачува на носителите на овие иницијативи дека треба да се срамат.
Според него, идеите за затворање, уривање или претворање на храмот во музеј не се нови. Тој потсети дека вакви предлози имало уште во 1924 и 1928 година, а храмот бил затворен и од нацистичките власти во 1942 година. Балашов потсети и дека во 1961 година советските власти сакале да изградат планетариум, но таа намера била спречена од тогашниот епископ Талински и Естонски, идниот патријарх на Русија Алексиј II.
„Денешните естонски политичари не се срамат што се поврзуваат со ставовите на екстремните националисти, германските нацисти и водачите на советскиот тоталитарен режим, притоа игнорирајќи ги чувствата на верниците, кои ја сочинуваат најголемата верска заедница во земјата“, изјави советникот на рускиот патријарх.
Инаку естонските власти тврдат дека измените на Законот за црквите не се насочени против православната вера, туку кон ограничување на влијанието на институции кои, според државата, се поврзани со странски центри на моќ. По почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година, Московската патријаршија, предводена од патријархот Кирил, повеќепати јавно ја поддржа политиката на Кремљ и војната, што во повеќе европски држави предизвика загриженост за можноста Руската православна црква да се користи како инструмент на руското политичко влијание. Врз таа основа, Естонија усвои законски измени со кои бара верските организации да немаат канонска или управна зависност од верски центри што, според државата, претставуваат безбедносен ризик.
Од друга страна, Естонската православна христијанска црква и Московската патријаршија оценуваат дека овие мерки претставуваат мешање на државата во верските прашања и ограничување на верската слобода.

