Невладината организација „Родителски фронт“ тврди дека предметот Сеопфатно сексуално образование (ССО) не е повлечен од училиштата и побара итна оставка од министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Во објава на Фејсбук, „Родителски фронт“ ја оспорува изјавата на Јаневска дека предметот е повлечен, тврдејќи дека во училиштата и натаму се одржуваат часови по ССО.
„ Додека министерката Весна Јаневска манипулира дека предметот Сеопфатно сексуално образование (ССО) е повлечен и покажува целосно „слепило“ за спорните идеолошки елементи, реалноста на терен сурово ја демантира. Во училиштата сè уште се одржуваат часови по ССО, а токму денес се врши сертифицирање на нови предавачи — без притоа да има каква било изменета или ревидирана програма! “, велат од организацијата.
Организацијата ја повика министерката да објасни што се случува во образовниот систем, наведувајќи дека, доколку таа не е информирана за активностите поврзани со ССО, тоа би значело дека нема контрола врз ресорот.
„ Доколку пак министерката тврди дека не знае што се случува, тоа е само потврда дека нема никаква контрола врз ресорот и дека во образованието секој си прави што си сака. Нејзината скандалозна јавна изјава дека во материјалите „нема ништо спорно“ од денес жестоко ќе ја демантираме: секојдневно јавно ќе ги објавуваме сите делови од прирачникот за наставници по ССО! Нека види целата јавност што тоа за министерката „не е спорно“, па самите родители нека оценат дали им е во ред она што им се сервира на нивните деца зад нивниот грб, со целосна слобода дадена на предавачи кои се сертифицираат од една невладина организација и Бирото за развој на образованието (БРО). Затоа, ние веќе не бараме формална одговорност. Од човек кој без срам ја лаже јавноста, БАРАМЕ ИТНА ОСТАВКА! “, велат од „Родителски фронт“.

