Свештеникот на Преспанско-пелагониската епархија на МПЦ-ОА, Стеван Здравевски, на социјалните мрежи објави коментар во кој проектот на Владата за изградба на Национален дата центар го поврза со, како што наведува, „агендата на сатаната“ и со библиските пророштва од Откровението.
Во својата објава, Здравевски пишува дека „агендата на сатаната мора да се оствари“ и тврди дека нејзини „слуги се политичарите“, кои, според него, преку дигитализацијата создаваат „дигитален логор“.
„Да не заборавиме дека за сето ова е пророкувано во Откровението Јованово, дека ѓаволот на секого ќе му стави број… секако дека тоа ќе го направат неговите слуги“, пишува свештеникот.
Како повод за својата реакција, тој ја споделува објавата на министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, во која министерот најавува изградба на Национален дата центар како еден од клучните проекти за дигиталната трансформација на државата.
Свештеникот тврди дека дигиталната идентификација и дигиталните услуги ќе доведат до губење на личниот идентитет на луѓето, повикувајќи ги граѓаните „масовно да ги одбијат сите овие дигитални глупости“.
Објавата доаѓа во период кога Владата ја промовира дигитализацијата како еден од своите стратешки приоритети.
Интересно е што епархискиот архијереј на свештеникот, митрополитот Петар, во изминатиот период повеќепати присуствуваше на јавни настани и партиски собири организирани од ВМРО-ДПМНЕ, партијата која ја предводи актуелната Влада, додека свештеник од неговата епархија јавно ги критикува владините политики за дигитализација, поврзувајќи ги со „агендата на сатаната“.

