Со света архиерејска традиција и молитвена радост, Македонската православна црковна општина „Света Великомаченичка Недела“ во Голд Кост, Австралија, го одбележа својот патронен празник – споменот на Светата великомаченичка Недела.
Прославата се одржа во текот на два дена, а централно место зазедоа светите богослужби на кои началствуваше отец Гаврил Галев.
Во пресрет на храмовата слава, на 19 јули, беше отслужена Света Божествена Литургија со која началствуваше отец Гаврил Галев, во сослужение на парохискиот свештеник Стојанчо Јанев. На богослужбата присуствуваа бројни верници од Голд Кост, Бризбејн и од други места во Австралија.
По Литургијата следуваше трпеза на љубовта и заедничко дружење во црковниот двор, организирано од црковната општина и нејзините доброволци, додека за празничната атмосфера се погрижи музичката група „Балканика“. Во попладневните часови беше отслужена и Вечерна богослужба.
На самиот ден на празникот, 20 јули, во преполниот храм беше отслужена свечена Света Божествена Литургија, на која повторно началствуваше отец Гаврил Галев, во сослужение на протојерејот Ѓорѓи Митев и парохискиот свештеник Стојанчо Јанев. Голем број верници молитвено учествуваа во богослужбата и се причестија со Светите Христови Тајни.
По завршувањето на Литургијата беше отслужен чин на мал водосвет, по што беше осветен новопоставениот мозаик на Светата великомаченичка Недела, кој е поставен над главниот влез на храмот. Осветувањето на мозаикот претставуваше посебен момент во годинашната прослава на храмовата слава и беше пречекано со голема радост од верниците.

