СПЦ му подготвува смена на Јоаникиј? Не го повлече потписот за студентите и му се спротивстави на Вучиќ

Date:

Share post:

Митрополитот црногорско-приморски Јоаникиј наскоро би можел да биде предмет на контрола од комисија на Српската православна црква, која, според официјалното образложение, би требало да го испита функционирањето на Митрополијата и евентуалните административно-финансиски пропусти.

Ова го објавува српскиот портал Nova.rs, повикувајќи се на свои извори, но притоа тврди дека зад најавената финансиска контрола стои и поширок црковно-политички контекст.

Според изворите на Nova.rs, вниманието на врвот на СПЦ кон Јоаникиј се засилило по неговите јавни ставови за политиката на официјален Белград, како и поради неговото одбивање да го повлече потписот од писмото со кое шестмина архиереи на СПЦ изразија поддршка за студентите и граѓаните кои протестираа во Србија.

Српскиот портал ја поврзува најавената контрола со неодамнешниот случај во Жичката епархија, каде што, по финансиска проверка, митрополитот Јустин беше суспендиран на овогодинешниот Свет архиерејски собор. Како официјална причина за неговата суспензија беше наведено материјално-финансиското работење.

Nova.rs, сепак, тврди дека вистинската причина за постапката против Јустин била неговата отворена поддршка за студентските протести во Србија.

Според информациите на порталот, комисијата што би требало да го испита работењето на Митрополијата црногорско-приморска би била составена по сличен модел како комисијата испратена во Жичката епархија.

Една од разликите, според Nova.rs, е што во неа не би бил митрополитот будимљанско-никшиќки Методиј.

Планот, како што се тврди во текстот, е контролата најпрво да биде извршена во Беране, седиштето на Епархијата будимљанско-никшиќка, а потоа комисијата да продолжи кон Цетиње.

Порталот тврди дека на Епархијата будимљанско-никшиќка однапред би ѝ било најавено доаѓањето на комисијата, за да може да ја подготви потребната документација, додека контролата во Митрополијата црногорско-приморска би имала поинаков карактер.

Како еден од клучните причини за наводниот притисок врз Јоаникиј, Nova.rs го наведува неговиот однос кон претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и неговото несогласување со мешањето на политиката во црковните прашања.

Митрополијата црногорско-приморска во август јавно реагираше на изјавите на Вучиќ поврзани со случувањата во СПЦ и во Црна Гора.

Од Митрополијата тогаш порачаа дека политичарите не треба да ги толкуваат црковните настани и дека нивното неповикано мешање во црковните прашања „не носи добро ни на државата ни на Црквата“.

Токму оваа јавна дистанца на Јоаникиј од ставовите на Белград, според Nova.rs, е една од причините поради кои неговата позиција во СПЦ повторно се најде во фокусот.

Друг важен момент е писмото со поддршка за студентите кои протестираа во Србија.

Јоаникиј беше меѓу шестмината архиереи кои го потпишаа писмото во кое се осудуваа навредите кон студентите и медиумската кампања против нив.

Според Nova.rs, од врвот на Патријаршијата било побарано потписите да бидат повлечени, но Јоаникиј не се повлекол од својот став.

Во целата приказна Nova.rs го издвојува и митрополитот будимљанско-никшиќки Методиј.

Порталот потсетува дека Методиј во периодот кога бил викарен епископ бил меѓу архиереите кои не присуствувале на традиционалните ручеци што Вучиќ ги приредувал за време на заседанијата на Светиот архиерејски собор.

По неговото доаѓање на чело на Епархијата будимљанско-никшиќка, односот, според Nova.rs, се променил.

Како пример се наведува реакцијата на Епархијата по критиките на Митрополијата црногорско-приморска кон Вучиќ. Додека од Цетиње беше порачано дека политичарите не треба да се мешаат во црковните прашања, од Беране на Вучиќ му беше изразена „искрена благодарност“ за неговата „континуирана грижа“ за положбата на СПЦ.

Nova.rs оценува дека токму оваа разлика во ставовите меѓу двете црковни средини во Црна Гора може да биде значајна во случајот со најавената комисија.

Од СПЦ, според Nova.rs, засега нема официјална потврда на наводите за формирање на комисијата, ниту објаснување за нејзиниот состав и евентуалниот мандат. Редакцијата на порталот наведува дека испратила прашања до Информативната служба на СПЦ и дека одговорите ќе ги објави доколку ги добие.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img