Спомен-крст висок 17 метри подигнат во Кочани за 63-те жртви од трагедијата во „Пулс“

Date:

Share post:

На самиот влез во Кочани, недалеку од местото каде што на 16 март минатата година се случи трагедијата во дискотеката „Пулс“, е подигнат спомен-крст во чест на 63-те лица кои ги загубија животите во пожарот.

Крстот, висок 17 и широк 12 метри, беше осветен од митрополитот Брегалнички Иларион, заедно со свештенослужителите од храмот „Св. великомаченик Георгиј“ во Кочани.

Во својата порака, митрополитот Иларион нагласил дека спомен-обележјето ќе остане траен симбол на сеќавањето, но и на болката и страдањето што трагедијата ги остави зад себе. Тој упатил и молитви за здравје, сила и поткрепа за повредените.

Изградбата на спомен-крстот е реализирана со поддршка на Брегалничката епархија, општествено одговорни компании и Општина Кочани. Општината ја обезбедила проектната документација и потребното одобрение за поставување на обележјето.

Трагедијата во „Пулс“ на 16 март 2025 година однесе 63 човечки животи, а повеќе од 200 лица беа повредени.

Спомен-крстот што сега се издига на влезот во Кочани ќе остане траен белег на најтешката трагедија во историјата на градот – место на сеќавање на згаснатите животи и потсетник на болката што остана по нив.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img