Повеќе од 1.000 верници се собраа во неделата во Љубљана на одбележувањето на 90-годишнината од храмот „Св. Кирил и Методиј“, каде со Светата Литургија чиноначалствуваше српскиот патријарх Порфириј.
„Денес голем благослов се излеа врз ова свето место, врз овој храм и овој град“, порача патријархот Порфириј, нагласувајќи дека верниците се собрале да го одбележат јубилејот од првата Литургија отслужена тука „во слава на Бога“.
Во беседата, српскиот патријарх говорел за светите браќа Кирил и Методиј и нивната мисија меѓу словенските народи, посочувајќи дека нивната порака ги надминувала националните и јазичните граници.
Осврнувајќи се на евангелското четиво, Порфириј посебно се задржал на Христовата заповед за љубовта кон Бога и ближниот.
„Љуби Го Господа својот Бог со целото свое битие – со умот, срцето, телото, со сè што си – а потоа љуби го својот ближен како себеси. И тоа е единственото што е потребно“, рекол патријархот.
Одликувани двајца свештеници
На свеченоста патријархот Порфириј ги одликувал протојереј-ставрофор Борислав Ливопољац, старешина на храмот, и протојереј-ставрофор Александар Обрадовиќ, архиерејски намесник во Љубљана.
На двајцата свештеници им било доделено право на носење граден крст.
На Литургијата сослужувале епископот Јован Пакрачко-славонски, епископот Алексеј Хвосански, епископот Никон Јенополски и епископот Кирил Буеносирески и јужно-централноамерикански, кој воедно е администратор на Загрепско-љубљанската епархија, заедно со свештенослужители.
На одбележувањето присуствувале и претставници на други православни и христијански Цркви и верски заедници, политички и јавни личности, членови на дипломатскиот кор, како и претставници на српските институции.

