Почетна Коментар Што да очекуваме!?
Што да очекуваме!?

Што да очекуваме!?

841
0

Со оглед на војната во Украина, и желбата на Кремљ од петни жили да обезбеди дисперзија на силата која му ја толчи главата, со отворање и разгорување на проблеми на европско тло, кога веќе се виде дека рускиот плин не значи крај за Европа, очекувано е Кирил да започне да ги распалува страстите на Балканот. А ако сакаш да го распалуваш Балканот, тоа се разбира најлесно се прави преку старата балканска рана Македонија (и како држава и како територија- сеедно). Едноставно е, малку сол врз Македонија, и целиот Балкан е на степен на вриење!

Нема да биде изненадување, доколку Московската Патријаршија, на чело со патријархот Кирил, ја заврти својата страна за 180 степени, и од довчерашни екуменисти и вклучени во сите глобални текови на екуменистичкото движење, наеднаш да го осудат Екуменизмот и пред ревносните православни Христијани во светот да се претстават како единствен центар борец против оваа ерес.

Кирил во екуменистичките кругови е веќе дискредитиран, а како и да не биде кога предводи христијански џихад; во тие кругови веќе никако нема шанса за споредување со авторитетот на вселенскиот патријарх, па ништо не може да изгуби, ами напротив да добие, доколку со зурли и тапани демонстративно го напушти Екуменизмот, го осуди за сеерес и на големи врати триумфално и со фанфари се претстави како Борец за чистотата на Православието.

Во овој контекст може многу лесно да ја искористи и картата Календар и улогата на вселенскиот патријарх во екуменистичките текови. Па така Кирил ќе биде новиот Кирил Александриски, а вселенскиот патријарх пак ќе биде Несториј.

На овој начин, Кремљ ќе ја обезбеди поддршката на ревносните православни Христијани во лицето на СПЦ и официјално во целост ќе ја забетонира русофилијата во Белград, а поддршката од страна на ревносните православни Христијани од Македонија (која ќе биде масовна и хистерична) ќе ја дотурка Македонија  под српскиот чадор и ќе ја бетонира македонската положба на белградско заморче можеби и за секогаш.

Се разбира БПЦ ќе продолжи да игра лоша маќеа и уште повеќе ќе ги стимулира православните Христијани од Македонија да се втеруваат во белградскиот чадор уште повеќе и уште посилно.

Русофилијата во Бугарија исто така ќе добие на сила, па целосно ќе го парализира нормалното работење на Бугарија како земја членка на ЕУ (стабилна влада за Софија ќе биде само пуста желба).

Интересна ситуација притоа ќе имаме и во Грција и грчкиот свет.

Уште со промената на календарот во Грција и грчките цркви, од далечната 1924 година, до ден денес постојат не мал број верници кои не го прифатиле новиот календар и за официјалната црква во Грција велат дека е еретичка и безблагодатна. Тие имаат храмови, манастири, свештенство и архиереи.

До денес тие не ги признаваат официлајните цркви во грчкиот свет, ги сметаат за расколнички и безблагодатни, особено што официјалните цркви за нив се екуменистички, а најсилното оружје со коешто официјалната црква во Грција ги дискредитира до денес е тоа што немаат еден центар и биваат распарчени на голем број на синоди.

Но, ако се појави патријархот Кирил како „заштитник“ на Православието и борец против Екуменизмот, а тоа многу лесно ќе го направи со едноставно излегување од сите екуменистички дружби и официјално проколнување и фрлање на анатема на Екуменизмот, не само СПЦ во целост, и МПЦ како заморче на СПЦ, ами во своја поддршка ќе ги добие и старокалендарците од грчкиот свет, а овој потег дури и ќе ги обедини во еден синод и една силна иерархија.

И така, Кремљ ќе си ја продолжи раката за матење на водата на Балканот и низ грчкиот свет.

Да не заборавиме, до ден денес, меѓу ревносните православни Христијани низ Грција, се уште кружи и се пренесува „пророштвото“ дека пред крајот на светот Русија ќе им помогне на Грците да го ослободат Константинопол; а низ рускиот пак свет кружи сличното „пророштво“ дека Русија, пред крајот на светот, ќе добие повторно Цар кој ќе биде единствениот заштитник на Православните од страна на светските заговорници против Православието.

Не ме чуди што веднаш по доаѓањето на Митрополитот Антонија во Македонија, веднаш почнаа да кружат слики и текстови околу неговото царско потекло од родот на Романови.

Текстов е лично менние на еден аналитичар на секојдневни настани,

Пишува: Михаил Дроздов

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *