Одлуките што влијаат врз човечкиот живот никогаш не смеат да бидат делегирани на машините, порача папата Лав XIV на учесниците на меѓународната средба „Иднината на вештачката интелигенција: дијалог меѓу Ватиканот и научниот свет за развојот и примената на интелигентните технологии“.
Обраќајќи им се на учесниците од различни земји, папата рече дека меѓу нив постои заедничка загриженост за развојот на вештачката интелигенција, но и сознание дека не се презема доволно за да се одговори на предизвиците што ги носи оваа технологија.
Тој оцени дека нивните размислувања и предлози се резултат на интердисциплинарен пристап, кој станува сè понеопходен во соочувањето со сложените прашања на современиот свет.
Лав XIV потсети на зборовите на својот претходник папата Франциск, кој во 2024 година, обраќајќи им се на лидерите на Г7, ја опиша вештачката интелигенција како „возбудлива и застрашувачка алатка“. Тогаш Франциск предупреди дека ниту една машина не смее да одлучува за одземање човечки живот.
Според Лав XIV, овие предупредувања и денес остануваат актуелни. Тој посочи пет основни принципи за односот кон вештачката интелигенција: нејзината иднина не е однапред определена, машините се алатки, а не луѓе, одредени одлуки никогаш не смеат да им се препуштат, интелигентните технологии мора да служат на општото добро, а потребни се институции што ќе ги преточат етичките принципи во конкретни правила за развојот и примената на технологијата.
Папата нагласи дека иднината на вештачката интелигенција зависи од човечките одлуки, бидејќи луѓето ја создаваат и ја насочуваат. Затоа, човештвото има одговорност да го води нејзиниот развој, да ги менува нејзините примени, а кога е потребно и да ги отфрли.
„Прашањето не е само што може да направи вештачката интелигенција, туку и на која цел треба да ѝ служи“, порача Лав XIV.
Средбата ја организираа Папската академија за живот и институтот „Future of Life“, со цел да се отвори дијалог меѓу црковните и научните кругови за етичките, општествените и човечките последици од развојот на вештачката интелигенција.

