Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно беше во Фанар, каде што се сретна со Вселенскиот патријарх Вартоломеј. Посетата, остварена вчера, 31 октомври, е петта на Зеленски во седиштето на Вселенската патријаршија од неговиот избор за претседател. Последната средба пред оваа била во април годинава.
Во разговорот, кој траел околу еден час, Вартоломеј ја повторил поддршката на Вселенската патријаршија за украинскиот народ, кој со години ги трпи последиците од руската воена агресија. Тој нагласил дека Мајката Црква се моли за мир и правда во Украина, но и за мирно разрешување на сите конфликти, поддржувајќи ги иницијативите што водат кон такво решение.
Една од пораките на патријархот била поврзана со судбината на илјадниците украински деца однесени од својата татковина. Вартоломеј повторно изразил надеж дека тие наскоро ќе им бидат вратени на своите семејства.
Зеленски, од своја страна, ја изразил благодарноста на Украина за континуираната поддршка и молитвите на Вселенската патријаршија, како и за личното залагање на патријархот Вартоломеј. Тој му честитал и за 35-годишнината од неговиот избор за Вселенски патријарх.
На средбата присуствувале митрополитот Халкидонски Емануил и митрополитот Анкарски Григориј, како и ѓаконот Епифаниј, кој е со украинско потекло. Во украинската делегација бил и министерот за надворешни работи Андриј Сибиха.





