Почетна Коментар Разлика помеѓу Божјо и демонско чудо
Разлика помеѓу Божјо и демонско чудо

Разлика помеѓу Божјо и демонско чудо

1.15K
0

„Но, на четвртата стража, преку ноќта, дојде Исус при нив, одејќи по морето. А учениците, штом Го видоа како оди по морето, се уплашија и рекоа: ’Тоа е привидение‘, и од страв извикаа. Но, Исус веднаш почна да зборува со нив и им рече: ’Не бојте се! Јас сум, не плашете се!‘ А Петар, одговарајќи Му, рече: ’Господи, ако си Ти, позволи да дојдам при Тебе во водата!‘ И Исус му рече: ’Дојди!‘ Па штом излезе од коработ, Петар тргна по водата за да оди при Исус; но, кога го виде силниот ветар, се уплаши, почна да потонува и извика: ’Господи, спаси ме!‘ Исус веднаш му подаде рака, го фати и му рече: ’Маловернику, зошто се посомнева?‘ И кога влегоа во коработ, ветрот престана. А оние што беа во коработ, се приближија до Него, Му се поклонија и рекоа: ’Навистина, Ти си Син Божји!‘“ (Матеј 14, 22–34). …По стоти пат.

Ова случување од животот на Богочовекот Исус Христос веќе е толкувано и ако добро се сеќавам, објаснувањето се сведува на тоа дека бродот ја симболизира светата Црква, дека бурата ги симболизира искушенијата низ кои Црквата поминува во текот на историјата и дека Христос ги допушта тие искушенија поради нашите гревови – за да се освестиме, покаеме и вистински да Го побараме да дојде и да нѐ спаси од нив. Што се однесува до Апостолот Петар, за него се објаснува околу неговата вера и маловерие, од кои зависат неговото одење и пропаѓање во водата.

Во минатата беседа објаснив дека Бог прави чуда таму каде што има основа за чудо, односно таму каде што нема друго решение; кога заради Него и Неговата љубов даваме и од она што не е доволно ни за нас – е, тогаш нема друго решение освен чудо. Убав пример се светите Маченици, кои го даваат и својот живот заради сведоштво на Христос; тогаш гледаме многу чуда и за време на нивното сведоштво преку мачеништвото и по нивното упокојување. Исто така, убав пример се вистинските монаси – и тие преку целосрдечното послушание го предаваат целиот свој живот во Божји раце, но затоа најмногу кај нив може да се забележат Божјите дарови на умно-срдечната и чудотворна молитва, поради којашто светот уште постои. Минатиот пат ви го објаснив чудото на тоа кога даваме од своите материјални блага и тогаш кога немаме доволно ни за самите себе.

Прашањето што се поставува сега е: дали имаше основа за чудо и во случајов на Апостол Петар? Дали тој дава нешто што не е достаточно и за самиот него или бара нешто што не е својствено за паднатата човечка природа? Дали тоа што го бара само за себе пред публика е заради Христос и заради Неговата љубов, или заради нешто друго? И дали Христовото „дојди“ беше благослов или изнуден благослов? Тешко дека ќе можеме позитивно да одговориме на овие прашања – затоа Петар и пропадна во водата. Верата не е непотребна егзибиција: „Ако си Син Божји, фрли се одовде долу! Зашто е напишано: ’На ангелите Свои ќе им заповеда за Тебе, да Те запазат‘“ (Лука 4, 9–10). И каков одговор доби ѓаволот? Знаеме: „Не искушувај Го Господ, својот Бог“ (Лука 4, 12).

Е, па, тоа е таа разлика меѓу Божјите чуда и демонските чуда. Едните се случуваат кога даваме иако немаме доволно ни за себе, во крајна нужда и безизлезна ситуација, заради сведоштво Божјо, заради Бог и заради Неговата љубов, што автоматски подразбира и заради спасение на сите луѓе; другите се случуваат заради барање, гордост, човечка и демонска слава, и заради држење на луѓето во страв и ропство. Со вториве чуда ќе се случи и доаѓањето на глупавиот антихрист. И така луѓето отсекогаш повеќе барале чуда, отколку што Го барале Бог.

Чуден лик е Апостол Петар, впрочем, како и сите ние. Во неговото, како и во нашето житие, забележуваме доста падови, и тоа тешки, како и повторни станувања, но неговото житие завршува свето – со маченичко сведоштво на својот Учител, Богочовекот Исус Христос, а нашето допрва ќе видиме… Тој е вистински духовен воин – ниту еден пораз не го поколеба да ја заврши духовната војна докрај.

Пресвета Богородице, по молитвите на светиот Апостол Петар, помогни ни и ние духовната војна да ја завршиме со победа – Божјо чудо! Оти, пак, нема како.

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *