Почетна Проповеди Храмот е дом за молитва
Храмот е дом за молитва

Храмот е дом за молитва

400
0

Г. Јосиф, митрополит Тетовско – гостиварски во Туденце.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух! Кој е толку голем како нашиот Бог? Ти си Бог кој твориш чудеса! (Псалм 76, 13 -14)

Почитувани, со овие зборови воскликнал псалмопеецот Давид, изразувајќи ја на тој начин својата неизмерна радост,  воодушевувајќи се на Божјата големина и моќ, восхитен од мноштвото Божји чудеса кои Он ги твори за оние кои го љубат. И навистина, јас, како Архипастир на богомдаруваната ни Тетовско – гостиварска православна епархија на оваа новоосветена манастирска црква, се придружувам на овој радосен восклик, со цел да ги искажам со зборови мојата неизмерна радост и импресивни чувства, бидејќи денес Севишниот Господ Бог, според молитвите на св. вмч. Георгиј Победоносец не собра тука, во пазувите на планината Жеден, на 900 метри од живописното с. Туденце на месноста наречена Црквиште, со цел да ја осветиме возобновената манастирска црква, посветена токму на св. вмч. Георгиј Победоносец.

Зборот Црква во својата есхатолошка и сотириолошка смисла има небоземно значење. Неа ја основал нашиот Спасител Господ Исус Христос, Кој и ја возглавува. Ние православните христијани терминот црква го употребуваме со две значења: како заедница на православни верници и како свето здание, храм Божји, дом за молитва, каде што верниците му се молат на Бога. Во храмот, каде што се собираме како црква живее и присуствува Бог. Црквата е средиште и основа на нашиот духовен, молитвен и богослужбен живот. Црквата е душа за животот на верниците. Таа е нашиот брод на спасението како што бил Ноевиот брод и скинијата во Стариот завет, а потоа и познатиот Соломонов храм. Во неа се извршува сѐ што е потребно за спасението на луѓето. Ние христијаните преку светата тајна Крштение пристапуваме во Божјата црква, а станувајќи нејзини членови имаме обврска да ја посетуваме и почитуваме Црквата и во Божјиот храмот, црквувајќи се да се издигнуваме, да патуваме од земјата кон небото, од земното кон небесното, од матријалното кон духовното и постепено духовно растејќи да се усовршиме и да го здобиеме спасението – кое е цел на нашиот христијански живот. Токму затоа црквата и храмот треба да ни бидат центар на нашиот живот. Секој човек, а особено ние христијаните треба со почит да се однесуваме кон храмот – црквата. Поминуваме ли покрај црква, треба да погледнеме кон светиот Божји дом, да се прекрстиме или барем да испратиме молитвена мисла кон него.

Знаејќи го ова големо значење на црквата за нашето спасение, почитувани, со радост стоејќи на ова освештено место, ние всушност стоиме на нашите корени, и го сведочиме токму од тука православниот аспект на идентитетот на нашиот богољубив македонски народ, бидејќи самите темели на оваа света црква, кои беа откриени на 07 февруари 2004 година според научните истражувања на компетентни научници и археолози потекнуваат од 6 век со што тие јасно нѐ потсетуваат дека евангелието Христово, уште од самиот почеток го нашло своето место и се вгнездило во срцето на македонскиот народ. Дека оваа возобновена новоосветена манастирска црква била посветена на св. вмч. Георгиј Победоносец од нејзините први градители, пак ни сведочи матријалниот доказ до кој дошол блаженоупокоениот Тихомир Крстовски, смирениот и богољубив мирјанин од с. Туденце. Всушност ревноста на блаженоупокоениот Тихомир Крстовски, кој им оставил аманет на туденчани, како и на своите синови  Митко и Душко да го возобноват ова древно манастирско светилиште, се причината за оваа наша голема радост денес. Иницијативниот одбор за возобновување и мноштвото наши верници имале полни раце работа. И навистина, со своите надчовечки напори оваа група на верници, со својот парохиски свештеник и искрената и постојана подршка на Тетовско – гостиварската православна епархија, докажаа дека чудата Божји се случуват и во нашето секојдневие и се пројавуваат во боготворните дела на оние кои искрено го љубат Бога и самопожртвувано се вложуваат во богоугодни дела. Возобновувањето на овој свет манастир не сплоти како верници во Христа. Ни покажа дека заедно и сложно можеме многу повеќе. И навистина направивме многу. Но за сето време ја чувствувавме молитвената закрила на св. Георгиј. Со Божја помош и финансиските даренија на поголем број верници, ја возобновивме црквата во која е изработен прекрасен фрескоживопис, црквата ја краси преубав мермерен иконостас, изградивме камбанерија благодарение на Мирко и Радица Димоски од Детроит-САД, и летник со фонтана посветена на Источен Петок – Балаклија, манастирот е обезбеден со напојување со електрична енергија и чиста вода за пиење, направивме пристапен пат до манастирот. Направивме навистина многу, но исто така се надеваме дека ќе направиме уште повеќе.

Возобновувањето на овој свет манастир ја разбуди носталгијата и љубовта кон родниот крај, кај нашите верници од дијаспората и ги направи блиски сите далечини, и безначајни заканите на огромните пространства на океаните. Ние заедно сплотени возобновувајќи ја ова манастирска црква, всушност ги возобновивме нашите корени. Докажавме дека на овие простори не имало одсекогаш и ќе не има засекогаш со Божја помош, како верни чеда на Единиот Троичен Бог и на нашата Светоклиментова МПЦ – ОА. Ете, милостивио Бог ни ја зголеми радоста бидејќи оваа година празнуваме 50 годишен јубилеј од возобновувањето на древната и славна Охридска архиепископија во лицето на МПЦ – ОА – настан претставува светол чин во поновата македонска црковна и национална историја.

Почитувани, на крајот, како Архипастир на богомдарованата ни епархија чувствувам потреба секако  од свое и од ваше име, да ја изразам својата благодарност, но пред сѐ на Бога, затоа што на самиот почеток не возљуби и не повика да бидеме членови на Црквата Божја. Им благодарам и на оние непознати чесни оци, првите градители на оваа манастирска црква, чии мошти почиваат во самата црква, кои како искрени  богољубци и боготражители го одбраа ова преубаво место, за тука да му воздигнат храм на Бога. Им благодарам на сите надлежни институции кон кои сме се обраќале за укажаната помош и соработка. Посебно голема благодарност упатувам до oпштина Јегуновце, до нејзиниот градоначалник г. Тони Коцески и членовите на Советот на општината за конструктивната соработка и постојаната подршка што ни ја укажуваат сето ова време. Им благодарам на сите наши возљубени браќа и сестри од дијаспората, кои срдечно и широкоградо се одзваа на нашите повици за помош. Голема благодарност и до членовите на Иницијативниот одбор за возобновување на манастирот, кои со Божја помош вложија надчовечки напори за сите ние денес да се радуваме на оваа црковна убавина и верувам дека и понатака ќе останат во свето послушание. Благодарност упатувам и до Армијата на Република Македонија за техничката подршка што ни ја укажува.  Благодарам на сите наши духовни чеда за секоја дарувана лепта, за нивните искрени молитви и  топлите зборови со кои не бодреа. Ви благодарам на сите вас возљубени наши духовни чеда, кои денес дојдовте заедно да се радуваме на новоосветената манастирска црква. Благодарам на Митрополит Американско-канадски г. Методиј, Митрополитот Европски г. Пимен, Митрополитот Кумановско-осоговски г. д-р Јосиф, за укажаната чест молитвено да прославиме еден ваков радосен настан. Но, пред сѐ, благодарам на нашите богољубиви туденчани за секаков вид нивна подршка, па дури и на оние кои не се веќе меѓу нас, затоа што ги сочувале основите на ова наше древно светилиште, за ние денес да можеме да ставиме уште еден духовен бисер на долгата и блескава светоклиментова бројаница.

Амин и слава на Бога!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *