На 19 јануари 2026 година, кога Православната црква го прославува големиот празник Богојавление (Водици), во Шепертон, АВстралија, се одржа историско богослужение и свечено одбележување на празникот, со што по цели три децении повторно се изврши православна богослужба на македонски јазик.
-Благодарение на особена пастирска активност и загриженост на Австралиско-сиднејска епархија за сите свои чеда, со благослов на Архиепископот Охридски и Македонски, г. г. Стефан оваа година и македонците во Шепертон го слушнаа сепразничниот поздрав: Бог се јави! – на нашиот мајчин македонски јазик. На богослужението присуствуваа голем број верници и членоци на многубројната македонска заедница, која веќе 70 години живее во Шепертон., велат од оваа епархија.
Овој настан претставува значаен духовен и национално-културен момент за македонската заедница во Шепертон и пошироко, сведочејќи за живата вера, истрајноста и стремежот кон зачувување на македонскиот јазик и православната традиција во дијаспората.
Со богослужбата и чинот на осветување на водата со полагање на Светиот Крст началствуваше отец Гаврил (Галев), игумен на манастирот во Кинг Лејк.
Со молитвено достоинство и пастирска ревност, отец Гаврил ја изврши светата служба, внесувајќи радост, утеха и духовно обновување меѓу присутните верници. Присутните со особени среќни чувства го доживеаја овој празничен чин, кој не беше само литургиски настан, туку и обнова на црковниот живот на македонската заедница при својата матична и мајка црква МПЦ-ОА, потсетување на корените и завет за иднината – дека верата, јазикот и црковниот идентитет не се губат, туку се обновуваат таму каде што има љубов, заедништво и жива Црква, велат од епархијата.
Ова Богојавленско богослужение во Шепертон останува запишано како сведоштво и темел за духовно воскресение, како надежен знак дека македонската православна традиција и понатаму ќе живее и ќе се пренесува на идните поколенија, дури и далеку од татковината.
Во таа насока следниот период ќе се работи на основање на македонска црковна општина во тој град.












