Подадена рака за помош на своите парохијани
Свештеното братство при Црковната Општина „Св. Петар и Павле“ – Ѓ. Петров, ги проширува своите активности за оние на кои најмногу им е потребна помош. Свештеници од оваа црковна општина ги посетуваат нивните домови за укажување на духовна и материјална помош.
-Целта е сите ние да се доживееме како едно духовно Христово семејство, како негова Црква во рамките на нашата Црковна Општина. Им благодариме на сите оние кои помогнаа и помагаат во собирањето на помошта, а особено овој пат благодарност до „ЕВН – Македонија“.
Доколку, браќа и сестри, и вам ви се допаѓа оваа активност, а и припаѓате на Црковната Општина „Св. Петар и Павле“ – Ѓ. Петров и сакате да се вклучите во истата или да донирате помош тогаш ве покануваме да стапите во контакт со о. Коста, вели Отец Ивица Тодоров.
Инаку црковната општина „Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров покрај оваа нова активност, секојдневно се грижи за црковната кујна, во која секојдневно топол оброк имаат над 100 сиромашни граѓани.