Здружението на почитувачи на личности кои потекнуваат од штипско Ново Село денеска по 21 пат одржа панихида во црвата „Успение на Пресвета Богородица“ за Тодор Александров, кој е убиен на денешен ден пред 92 години.
Душко Иванов член на Здружението на почитувачи на личности кои потекнуваат од штипско Ново Село вели дека традиционално на панихидата и на плочата на Тодор Александров секоја година доаѓаат и гости од Битола, Радовиш, Скопје и делегации на политички партии.
– Александров е роден во штипско Ново Село, учесник во Македонското револуционерно движење. Според многумина тој преставува душата на организацијата, вели Иванов.
Историчарот и потпретседателот на Македонското патриотско здружение „Тодор Александров“-Битола, Ѓорѓи Чекутков, кој денеска присуствуваше на панихидата за Тодор Александров, истакна дека Александров неправедно бил оцрнет и стигматизран од поранешниот комунистички систем на поранешна Југославија.
-Значи и југословенската и бугарската историографија во комунизмот го имаат оцрнувано ликот и делото на Александров, како и на плејада дејци и револцуинери од сите структури на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација, како носители на борбата за независна држава, рече Чекутков.
Градоначалникот на општина Штип, Илчо Захариев потенцираше дека голем број историски и значјни личности и револуционери потекнуваат од Штип, а во наредниот период заедно со ЈП „Исар“ ќе направат Алеја на заслужни граѓани кои потекнуваат од овој град, со што нивните мошти од соседните земји да бидат донесени во оваа алеја.
-Алејата ќе биде веднаш до Капелата, значи онаа парцела која ја работиме, бидејќи само во Софија почиваат над сто личности родени во Ново село и во Штип, а кои се значајни за нашата историја. Така да мислам дека тоа можеме да го направиме, затоа што нивните гробни места можеби и таму веќе не се познаваат, препознаваат, а овде тие ќе бидат на некој начин третирани како што треба, вели Захариев.

