
Излезе од печат новата книга на отец Пимен, насловена „Пост и параклис“, пишувана за време на Великиот пост, во форма на дневник. Замислуваат неговите лични размислувања, внатрешните борби, зборовите освојуваат и со топлина и отвореност налик на испружени дланки на близок човек што одамна го познава читателот. Ништо несвојствено за отецот на народот, Пимен, митрополитот европски, со кого разговараме за постот, параклисот, верата, омразата и љубовта. И пак, и повторно, за љубовта и раѓањето, за Бога. Книгата е еден од поводите за интервјуто на Владиката Пимен за Слободен печат. Издвојуваме дел од ова интервју, кое целосно можете да го прочитате на Слободен печат.
С.П: Омразата на луѓето еден кон друг неизмерно порасна, што може да ја задоволи оваа омраза, и како да не ѝ подлегнеме?
ПИМЕН: Не знам искрено дали омразата во светот пораснала или само се зголемил обемот на информации што стигаат до нас по разни медиуми, па тоа ни изгледа како порасната омраза. За жал, првиот пример за завист и омраза го среќаваме кај Адамовите синови Каин и Авел. И оттогаш не застанала пизмата. Низ историјата на целото човештво читаме за војни, за ненаситност, за доминација, за богоизбраност на народи…
Мислите ли дека има рецепт или лек што може да ја задоволи омразата? Едноставно таа е плод на себељубието што секој од нас го носи во себе. Секој мисли дека е повреден од другиот и дека неговото место е погоре од мнозина. Дека тој знае најдобро, па ете спремен е и крв да пролие за да стигне до местото што мисли дека токму нему му припаѓа. И тоа меѓусебно газење, па дури и убивање никогаш нема да престане ако не го згазиме нашето високо мислење за себе.
Христос ги победи злото, омразата, смртта. Но ги победи со тоа што доброволно ги рашири рацете на Крстот за да ги прегрне и оние што од завист и омраза го предадоа, го исмеаја, го исплукаа и го распнаа. Не крена нит глас, нит нож над оние што го распнаа. Се помоли за нив на Отецот Небесен. Да не одиме во заблуда дека немал сила да врати на злото со зло. Но, претходно рече дека веќе нема око за око, нит заб за заб, па следствено нема ни враќање на злото со злото, туку на злото со љубов како не би раснело злото на двете страни, туку на едната сосема да исчезне како би се смалило и на другата.
С.П: Светот е на работ на сериозни искушенија. Ако претходно се зборуваше само за хипотетичка можност за нуклеарен напад, сега се разговара дури и за датуми. Зошто човештвото е толку привлечено кон самоуништување?
ПИМЕН: Споменав и погоре во што лежи целото зло и кој е лекот. Колку се оддалечуваме од Бога, толку сме поблиску до пропаст на светот. Да се потсетиме на прикаската со градењето на Вавилонската кула. Човекот создаден од земја помисли дека со кула направена од кал ќе може да се издигне до небото и да му го земе местото на Бога. Заборави човекот дека од земја е земен и во земја ќе се врати. Заборави дека може да е само бог по благодат ако се измири со Бога, а не и бог по суштина.
И наместо да научиме нешто од грешката во Вавилон, нам, на модерниот човек, тоа ни стана императив постојано да се трудиме да седнеме на местото од Бога создателот на сè.
Велиме дека ниедна вера не повикува на насилство. И така е. Но, сериозен проблем е кога верата ќе се измеша со богоизбраност на некој народ, со спомнатост во Библија или не знам каде, со славна историја, со повиканост на владеење, со патриотизам, национализам, па и нацизам како краен стадиум. Тој проблем раѓа верски фанатизам. А верскиот фанатизам раѓа страв на секој плоштад, во секоја уличка, во секое сокаче. Тогаш, поради верските фанатици и нивните, слободно ќе речам, глупави методи на славење на бога, по принцип на стереотипи се мразат цели народи, цели нации и раси и од омразата на еден човек кон цел свет, се раѓа омраза кон цела една вера, едноставно тоа преминува во омраза на цел свет меѓусебно и спремност да се најде некоја будала што ќе го притисне тоа фамозно црвено копче, мислејќи дека со тоа ќе го победи злото.
Жално е тоа што не учиме на грешки, туку учиме како да тонеме од грешка во грешка. Сепак, нека нè чува Господ Бог од крајната цел на злите луѓе, по молитвите барем и на последниот праведник што живее на земјава и се моли негде во некој мал и скриен параклис, па нека биде сè ова уште милион години далеку од нас.
С.П: Имаме ли денес, како Македонци, искривена идеја за христијанството? Во смисла дека луѓето го бараат Бога очекувајќи чуда: во борови што течат миро, во лековити земји, лековити камења и води, а многумина одат во црква со список на желби. Каде да се бара Бог и како?
ПИМЕН: Според пописни документи, имаме завиден број христијани Македонци, а сепак црквите и на најголемите христијански празници едвај се полнат со луѓе. Разликата помеѓу попишаните и присутните во Црквата, јасно зборува за искривеноста на христијанството кај нас. И ако речам потребна е реевангелизација на народот, ќе згрешам, бидејќи се плашам дека и евенгелизацијата никогаш не завршила.
И денес ќе сретнеш луѓе што ќе ти кажат дека не знаат да се прекрстат (да се осенат со крстниот знак) иако се декларираат за христијани. Но, зошто е тоа така? Не можат ли да прашаат како се прави тоа и после полуминутен курс да научат како? Не, едноставно нит сака да праша како се прави тоа, нит да научи. И сега кога имаме отпор кон едно такво банално и базично учење, што да очекуваме освен целосен отпор кон суштината на христијанското учење. Поради мнозина би се задржале на номиналноста.
Секако е полесно да исполниш нешто што би ти го решило проблемот веднаш, магиски, па било тоа пиења свети води, осветени облеки носење, кружења и отклучувања на цркви, редење безброј икони на домашните ѕидови, отколку искрено преиспитување на самите себеси, што нè донело до таа богоотуѓеност, покајание за своите гревови, исповед, пост, молитва и причест.
И луѓе со вера (но, за жал, погрешна вера) ќе се обидат инстантно да си го решат проблемот. И ако не го видат веднаш резултатот, се разочаруваат и отпаѓаат од Бога и од Црквата. Очекуваат магија. А Црквата не нуди магија, нити магиско решение, туку препорачува континуиран духовен живот. А тоа бара одрекување од многу стари навики и удопства. Па таквите, одлучуваат да си изградат некоја своја вера еклектична и да си земат од неа само она што им одговара. Иконата да ја направат декоративна слика во нивниот дом, бројаницата моден детаљ, исто така и тетоважата, а постот диета и така да бидат заштитени од секое искушение. Јалов обид е тоа.
Но, секако има и добар број луѓе што се за секоја пофалба, кои го зеле целото правило на духовниот живот и покрај тоа што живеат во светот и што немаат време да побегнат од него ни во време на постите, а сепак не се откажуваат од духовниот живот.
Па, ете, Бога може сегде да го бараме, но, ако сакаме резултат, тогаш кон Бога треба да пристапиме само со цела доверба во Него и со желба за наше квалитативно менување и уподобување на Него.