Почетна Коментар Ново продлабочување на поделбата меѓу Московската патријаршија и Вселенскиот патријарх
Ново продлабочување на поделбата меѓу Московската патријаршија и Вселенскиот патријарх

Ново продлабочување на поделбата меѓу Московската патријаршија и Вселенскиот патријарх

831
0

На собирот на епископите на Руската православна црква (РПЦ) беше усвоен документ, кој претстои да биде испратен на одобрување до Архиерејскиот собор и официјално да биде усвоен од Светиот синод на РПЦ.

Ќе биде интересно како ќе се развива оваа теолошко-еклесиолошка расправа меѓу двете највлијателни патријаршии, којашто трае долго време и се интензивира периодично, но веќе во услови на едностран прекин, по одлуката на Руската православна црква, на општењето меѓу нив. Досега овој спор долги години беше повеќе прикриен и имаше карактер на своевиден црковен судир на аргументации и теолошки двобој меѓу водечките митрополити на двете патријаршии, Јован Зизиулас и Иларион Алфеев.

Но сега, поради војната во Украина и кризата со прекинатата комуникација меѓу двете патријаршии, а веќе и по земната смрт на Зизиулас, долго криените меѓусебни обвинувања излегуваат на површина и се официјализираат со веќе отворено формулирани тврдења за нова „еклесиолошка ерес“ на Вселенскиот патријарх. Всушност, ова се меѓусебни обвинувања за „новотарии“, односно внесување „нови еретички елементи“ во еклисиологијата на Православната Црква, а, како што можете да видите, во центарот на обвиненијата се постапките на Вселенскиот патријарх Вартоломеј во Украина и некои еклисиолошки концепции на „неговиот теолог“, Пергамскиот митрополит Јован Зизиулас.

Дали Вселенскиот патријарх отстапил од принципот на православно единство при остварувањето на своите канонски права на првенство во чест и началство како „Primus inter pares“ и дали присвоил непостоечки канонски привилегии и „превласт во Црквата“ со тоа што се однесувал како „Primus sine paribus“, ќе треба тие што го подигнале обвинението тоа да го докажат. Затоа што и во црковниот суд товарот на докажувањето е одговорност на тој што обвинува, постапка што се спроведува пред легитимно судско тело и пред канонски признат, на меѓуправославно ниво, врховен црковен суд.

Но, најинтересно во овој стар спор, и многу комплициран случај, е што овие обвинувања треба да се покренат на меѓуправославно ниво и да се изнесат пред црковен суд, на кој повторно треба да претседава Вселенскиот патријарх. Затоа и многу набљудувачи сметаат дека украинското црковно прашање треба и може да се реши само на сличен сеправославен форум или на собор, кој ќе ги разгледува спорните точки, и тој да се произнесе како врховен црковен суд.

Како прв меѓу православните Претстојатели, на таков сеправославен форум, или црковен суд, треба да претседава Вселенскиот патријарх и, во крајна мера, да биде и арбитар, заедно со другите Патријарси и Претстојатели. Тој е начинот во Православието кога се решаваат слични црковни проблеми и меѓујурисдикциски црковни спорови. Излегува дека сите овие обвинувања, кои се однесуваат на него самиот, треба да се адресираат и разгледаат ex oficio (по службена должност) од неговaта патријаршиска катедра, за да може да се свика црковен суд, и тоа како меѓуправославен собор!? Со други зборови, Руската црква мора да поднесе апелација до Вселенскиот патријарх со барање да се свика сеправославен собор, под негово претседателство, за разгледување на црковно-судски спор против самиот Вартоломеј. И ако тоа го направат руските клирици, ништо чудно тој да свика таков меѓуцрковен собор и да ја разгледа жалбата, бидејќи тоа би било признание за неговите права!? Но, всушност, тие не ја признаваат целосно оваа постапка и правото на апелација на Вселенскиот патријарх и токму овие прашања ги отвораат во своето обвинување, кое го нарекуваат „нова еклисиолошка ерес“!? Затоа, според древните канони на Вселенската црква, единственото што им останува на Русите е да ја упатат својата жалба против Вартоломеј по однос на случајот за Украинската црква до Римскиот папски престол како прв и најврховен арбитар во меѓуцрковните спорови!? Но тие од својата страна не го признаваат и дигањето на анатемите меѓу Рим и Константинопол по Вториот ватикански собор и затоа со овие свои одлуки всушност го туркаат процесот на барање решение до ќорсокак, што го доведува православното меѓуцрковно единство во уште посериозни проблеми.

Овие одлуки на РПЦ не водат кон решавање на насобраните проблеми, туку водат до нови поделби и ги внесуваат меѓуцрковните односи во Вселенското православие во нов маѓепсан круг. Тие поверојатно ќе доведат до уште поотворено противење и трајно прекинување на општењето меѓу Московската патријаршија и Вселенската патријаршија бидејќи од раскол веќе преминуваат кон обвинувања за „еклесиолошка ерес“!?

/Фејсбук статус на доц. Д-р Костадин Нушев, професор на Православниот богословски факултет во Софија

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *