Почетна Коментар Нови коледари не одат со огнови
Нови коледари не одат со огнови

Нови коледари не одат со огнови

402
0

Во ред е тоа што во рамките на нашата црква се собрале сили да почне менувањето на коледарската песна „Kоледе леде“, која навистина нема религиозна содржина и е паганска, но во ред ли е претходната вечер коледарските огнови, кои се исто така пагански, да останат со исти ритуали?

Сигурно дека не е во ред оти ако се почнало со менувањето на традициите, зошто да е само кај најмладите, а обичајот на постарите да остане. Излегува дека е понеприфатливо малите деца да ја пеат песната, која навистина има текст што нема никаква врска со Божик, но, ете, со текот на децениите станала дел од традицијата, а прифатливо да се палат огнови, да се грее вино, ракија, да се слуша гласна музика, која не е религиозна, и да се организира еден вид маалско дружење.

Така некако стојат работите во пресрет на годинашниов Божик, кој ќе остане забележен најмногу по тоа што ќе значи почеток на менувањето на односот на нашата Црква кон ритуалите на празнувањата. Јасно, вакви промени, менувањето на нештата што веќе станале делови на народната традиција не може да се случува прекуноќ. Не може црковниот врв да реши да донесе декрет со кој ќе го определи датумот на стартот на промената и начинот на новата форма на празнувањето. Во нашата црковна историја сме имале таков случај со одлуката да се смени сега важечкиот, стар јулијански, црковен календар уште во 1969 година, но набрзо се видело дека народот не сакал да прифати. На владиците тогаш не им останало ништо друго, туку одлуката да се повлече, да се стави вон сила, а празнувањата и натаму да се прават по старо. Таа тема досега, освен во текстовите по медиумите што редовно се пишуваат околу Нова година и Божик, воопшто не е актуализирана од црковните достоинственици, ниту на индиректен начин.

За разлика од тогаш, сега се тргнува во промени со веќе изработен концепт. Од неколку градски подрачја во исто време ќе тргнуваат колони на деца-коледари, кои ќе ја пеат песната „Вечниот Бог“ и кои патем ќе ги посетуваат домовите на луѓето во повеќе македонски градови. Тие ќе бидат урнек за тоа како децата во сите други делови на населбите да ги прават коледарски обичаи. А не е тешко да се претпостави дека на 6 јануари ќе имаме две групи деца-коледари: колоните што ќе ги организираат црковните свештеници, со научената песна „Вечниот Бог“ и тие што самоиницијативно ќе се собираат по локалните населби и ќе им ѕвонат на вратите на луѓето пеејќи ја познатата „Kоледе леде“. Така ќе биде сега, а во наредните години се ќе зависи од тоа колку новиот начин ќе успее да се наметне и да биде прифатен од децата.

Всушност, главно прашање е дали за (не)прифаќањето на промената ќе им се остави само на 5-6-7-годишни деца да решаваат. Ако се остави само на нив, обидот ќе биде залуден.

Досегашното пеење на паганската песна „Kоледе леде“ толку длабоко е всадено, што не ќе може да се смени само со промоција на колони дечиња, кои сега ја научиле новата песна.

Сакам да кажам дека ако во целата промена не се вклучат и возрасните, промената ќе ја има судбината како и црковниот календар пред 47 години. Односно, возрасните треба да бидат првата адреса, првите што ќе сфатат дека начинот на празнувањето треба да се смени. А, гледаме, нивниот начин – со коледарски огнови, со греење вино, ракија, скари… – останува нечепнат оваа година. Свештениците и теолозите веќе не се воздржуваат и отворено кажуваат дека токму коледарските огнови и таквите видови дружења треба да престанат.

„Ако е до дружењето, зошто да не се дружиме во црквата, по литургијата. Излегува дека на вакви собири има многу луѓе, а утредента во црквата нема никој од нив. Тоа не е во ред“, зборува еден скопски свештеник, кој добро ја отсликува ситуацијата.

И сега, истите тие луѓе што одбиваат да ги прифатат апелите за гаснењето на коледарските огнови, ќе треба да ги учат децата да ја пеат песната „Вечниот Бог“ и да им објаснуваат дека таа е попримерна од „Kоледе леде“, која веќе ја знае секое дете по македонските населби. Таква промена тешко ќе оди.

BrankoЗначи, кога се отвора фронт за промените во празничните адети, тоа треба да биде похрабро и посестрано за да стави јасно до знаење што се смета дека е зрело за промени. Но, фактот дека во самата Црква има и сосема спротивни мислења кога се во прашање коледарски огнови и според кои тие не се проблематични, зборува и за тоа дека свеста за промените уште треба да зрее меѓу црковните достоинственици. Кога таму ќе се расчисти таа дилема, многу појасно ќе биде што, всушност, црквата сака од луѓето, какви адети и какви песни. Тогаш ќе почнат да се прават и нови традиции.

Пишува: Бранко Ѓорѓевски/ ДНЕВНИК

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *