Свештеникот кого еден поранешен семинарист и богослов го посочи како свој долгогодишен сексуален злоставувач, вчера е разрешен од должноста парох во парохијата што ја презеде релативно неодамна, објави Dnevnik.hr.
Како што за овој медиум објаснил извор од Католичката црква, тоа значи дека бискупот го ставил под мерки на претпазливост, согласно Насоките за заштита на малолетници.
Да потсетиме, станува збор за случај на долгогодишно сексуално злоставување кое започнало во раните 2000-ти години, кога жртвата била ученик во богословското училиште и била малолетна. Злоставувањето продолжило со години, а во еден момент, во 2012 година, тогаш како студент на Богословскиот факултет во Виена, злоставуваниот млад човек му раскажал на свој колега од студиите што му се случувало во претходните години.
Шокираниот колега го пријавил случајот кај тогашниот пожешки бискуп Антун Шкворчевиќ, кој наредил своевидна истрага што му ја доверил на еден свештеник. Но, и покрај собраните докази кои укажувале дека обвинувањата се основани, од истрагата не произлегло ништо.
Случајот, според информациите со кои располага Dnevnik.hr, бил пријавен во полициските управи во Пожега и Дубровник, но ниту една од нив не одговорила дали и кога ги примила пријавите и дали по нив било постапувано.
Дека, по долгогодишно заташкување, случајот сепак се придвижил од мртва точка, покажува потврдата на Државното обвинителство за Dnevnik.hr дека се спроведуваат предистражни дејствија, како и неофицијалната информација дека полицијата стапила во контакт со жртвата, која треба да даде исказ.
Во меѓувреме, сексуално злоставување во училиштето пријавиле уште неколку лица. Полицијата потврдила дека и во тој случај се спроведуваат предистражни дејствија. Доколку овие нови обвинувања се покажат како точни, тоа би значело дека жртвите во времето на злоставувањето биле малолетни, со оглед на тоа што Меѓубискупиското училиште на загрепска Шалата е гимназија за идни свештеници.

