Откако беше казнет со 15-дневна забрана за свештенослужење поради критиките кон патријархот Даниил, архимандритот Никанор објави нова порака на Фејсбук. Тој им се заблагодари на сите за поддршката, порача дека во наредните денови ќе има притисок врз неговите собраќа и ги повика верниците да не дозволат во нивните срца да се вселат огорченост и омраза.
Во продолжение следува целосната објава на архимандритот Никанор, без редакторски интервенции:
ПРИЈАТЕЛИ,
Ви благодарам на сите за поддршката што ми ја изразивте во овие одлучувачки денови! Знаев дека има луѓе кои ја споделуваат мојата загриженост за тоа во што ја претворија верата на нашите татковци, но не очекував дека ќе ве има толку многу. Бидете храбри, ќе го победиме она што е од овој свет!
Во наредните денови ќе видите како христијанската совест на многу мои собраќа ќе биде присилувана преку административен притисок и страв. Против мене ќе бидат принудени да застанат луѓе на кои им ги подарив првите богослужбени одежди, на кои им го покажав патот кон свештеничката служба, на кои им подадов рака во тежок момент од нивниот живот, на кои им дадов сè што беше во моја моќ за да им помогнам во нивното служење, кои ги избавив од ситуација слична на онаа во која јас сега се наоѓам. Знаете ли колку пати сум ги слушнал зборовите од мои собраќа: „Да не беше ти, ќе си заминев од БПЦ“? Сите нив многу добро ги разбирам и на никого не му се лутам, ниту ги прекорувам затоа што ќе бидат принудени да извршат морална гнасотија. Зашто таква е суштината на комунистичкиот тоталитарен систем, кој парадоксално се сокри во религијата што сакаше да ја уништи!
Знам дека моите браќа ме поддржуваат во своите срца и дека ќе дојде ден кога повторно ќе си кажеме: „Христос е меѓу нас!“ Но, сега нека бидат разумни.
Доволно разговаравме со сите вас овде – на социјалните мрежи и во медиумите. Паметниот човек разбира и од малку. Пред нас има работа. Со многумина од вас ќе се сретнеме и ќе разговараме лице в лице.
Кон сите имам една молба. Го разбирам вашето негодување, го разбирам вашето згрозување. Но, ве молам од сè срце да ја истерате секоја огорченост и омраза од своите срца! Светлите и возвишени цели кон кои се стремиме бараат светли и возвишени средства, а пред сè – да бидеме чисти, смирени и кротки по срце! Револуцијата се случува во умовите на луѓето. Сè што следува потоа се само детали…
Нè излажаа и ни ја украдоа државата. Нè излажаа и ни ја украдоа и Црквата. Но и двете ќе си ги вратиме со кротка решителност!
Ќе успееме, затоа што со нас е Бог, а со нив – Москва!
Продолжуваме со нашето вообичаено секојдневие…

