Почетна Коментар Недела на сите светии
Недела на сите светии

Недела на сите светии

408
0

„И така, секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред Мојот Отец небесен. А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен“ (Матеј 10, 32–33).

Секој што ќе врати на злото со зло е оној што се откажува од Богочовекот Христос. Поистоветувањето со световните шеми на поделба: егоцентричност, партии, нации (држави) е извор на злото во христијанинот.

„Кој милува татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој милува син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене“ (Матеј 10, 37).

Тоа е за оние кои се обидуваат да ги љубат своите блиски без Христос. Човечката љубов е селективна и се сведува на себељубие. Божествената љубов ја преобразува човечката љубов и таа станува богоподобна – неселективна.

„И кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене“ (Матеј 10, 38).

Оној кој не прима сѐ што му се случува – па макар и лошо, како дар Божји, оној кој не благодари за тоа што му се случило, оној кој ги осудува другите за тоа што му се случило, оној кој покажува надворешно што му се случило и на кој слученото не му станува извор на молитва е тој што не го зема крстот свој и не оди по Христос.

„Тогаш Петар одговори и Му рече: ’Ете, ние оставивме сѐ и по Тебе одиме: што ќе стане, пак, со нас?‘ А Исус им рече: ’Вистина ви велам, дека вие што врвите по Мене, при повторното раѓање, кога Синот Човечки ќе седне на престолот на славата Своја ќе седнете и вие на дванаесет престоли и ќе судите над дванаесетте Израилеви колена‘“ (Матеј 19, 27–30).

Нема да осудат никого, освен оние што самите себе ќе се осудат. Нема да судат никому. Ќе бидат само урнек кој, оние што самите себе се осудиле, го промашиле.

„И секој што остави куќа, или брат, или сестра, или татко, или мајка, или жена, или деца, или ниви, заради Моето име ќе наследи стопати повеќе и ќе добие живот вечен“ (Матеј 19, 29).

Ова е напишано за оние што се чудат како вистинските монаси имаат сѐ, како и сѐ што ќе посакаат; и тоа не можам да го објаснувам, затоа што е необјасниво за нив.

„И мнозина први ќе бидат последни, а последните први” (Матеј 19, 30).

Оној кој нема да седне на последното место, односно оној кој нема да стане слуга на своите ближни, е тој што никогаш нема да влезе молитвено во своето срце во овој свет и век. Јас, откако станав епископ, не сум седнат на последното место, затоа што немам внатрешно духовно покритие за чинот што го носам, последователно – ни соодветни дела. Господ нека ми прости.

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *