Во интервју за Ватикан Њуз, надбискупот Јуџин Нужент, апостолски нунциј за Кувајт, Бахреин и Катар, ја опишува драматичната безбедносна состојба во регионот и ја истакнува желбата на Црквата за мир.
Надбискупот Нужент сведочи дека состојбата во Кувајт „од ден на ден се влошува“, посочувајќи дека ноќта била исполнета со експлозии и сирени. Тој информира дека американската амбасада во Кувајт била нападната со дрон, при што немало жртви, но била предизвикана материјална штета и пожар.
Според неговото сведоштво, два американски воени авиони биле соборени во близина на базата „Али ал Салем“, каде што тој редовно служи света Литургија.
„Се обидуваме да останеме мирни, но мора да се признае дека е застрашувачки“, вели Нужент, како што пишува Ватикан Њуз. Говорејќи за поширокиот контекст, надбискупот посочува дека војната избувнала на 28 февруари, и покрај надежите дека дијалогот ќе донесе решение.
„Долга војна никому не му користи“, вели Нужент во интервјуто, додавајќи дека дипломатијата е единствениот пат за прекин на конфликтот. Тој изразува надеж дека најавените разговори меѓу САД и новите власти во Иран ќе отворат простор за разумен дијалог. Осврнувајќи се на зборовите на папата Франциск од посетата на Бахреин во 2022 година, кога војната ја опиша како „драматично детско сценарио“, Нужент оценува дека тие зборови денес звучат пророчки.
„Со векови човештвото водело конфликти, но на крајот мора да го бараме она што ни е заедничко“, наведува тој, како што пренесува Ватикан Њуз.

