Во СВР Скопје, изутрината во 07.22 часот, Ј.Ј. пријавил дека на ул.„Апостол Гусларот” во двор од верски објект забележал канистар за гориво и траги од горење, информираа за МИА од Министерството за внатрешни работи откако Еврејската заедница во Македонија вечерва извести за обид за опожарување на објект на Заедницата и на синагогата во Скопје.
– Веднаш по добиената пријава од страна на полициски службеници излезено е на местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот – дополнуваат од МВР.
Еврејската заедница во Македонија го осуди овој чин и упати апел до надлежните органи за целосно расветлување на случајот и доследна примена на законите, како и за гласна и обединета осуда од сите верски лидери, институции и граѓани. И амбасадорката Вивиен Аисен ги повика властите да ги изведат одговорните пред лицето на правдата.
