Македонската православна црква – Охридска Архиепископија ја проширува својата црковна организација во Австрија. По Виена, Линц и Филах, македонска православна црков99на општина се формира и во Салцбург, како дел од Европската епархија.
На 19 септември, во пресрет на големиот празник Рождество на Пресвета Богородица, во Салцбург за првпат ќе биде отслужена Света Архиерејска Божествена Литургија на МПЦ-ОА. Со богослужбата ќе чиноначалствува митрополитот Европски Пимен.
Со благослов на митрополитот Пимен, македонските православни верници од Салцбург и околината ќе бидат организирани во црковна општина во рамки на Европската епархија на МПЦ-ОА.
Со тоа, бројот на градови во Австрија во кои МПЦ-ОА има организирана црковна заедница се зголемува на четири.
Развојот на црковната мрежа во Австрија е дел од поширокото организирање на македонските православни верници во дијаспората. Покрај богослужбениот живот, црковните општини се места околу кои се одржуваат македонскиот јазик, традицијата и духовната поврзаност со матичната Црква.
Од македонската заедница во Австрија го оценуваат отворањето на општината во Салцбург како значаен момент за тамошните македонски верници и повикуваат на масовно присуство на првата архиерејска литургија.
Литургијата ќе се одржи во сабота, 19 септември 2026 година, со почеток во 09:00 часот.

