Во време кога прашањето за автокефалијата повторно се отвора низ богословски, канонски и геополитички перспективи, порталот 48 Часа објави опширна анализа која нуди подлабок поглед кон односот меѓу МПЦ–ОА, правото на еклитон и улогата на Вселенската Патријаршија во православниот поредок. Низ историски, канонски и еклисиолошки осврти, авторот Свети – Климентов Поклоник (православен теолог, но потпишан под псевдоним) се обидува да покаже дека автокефалијата не е само административно прашање, туку пред сè прашање на соборност, единство и канонска традиција на Црквата.“
Религија.мк пренесува дел од оваа обемна анализа, која во целост можете да ја прочитата на 48 Часа.
Српскиот „томос“ и киднапирање на процесот
Српскиот акт од 5 јуни 2022 година го прекршува 2. канон од II Вселенски Собор и 35. апостолски канон, кои забрануваат мешање во туѓа јурисдикција. Издаден е post factum, односно по активирањето на еклитонот. Тоа го прави канонски ништовен, анти-еклисиолошки и суштински скандалозен. Во таа насока, се прави јасна дистинкција меѓу административното регулирање на односите на локално ниво (СПЦ – МПЦ-ОА) и конечната еклисиолошка потврда на автокефалијата (Константинопол). Ниедна Црква надвор од СПЦ и РПЦ не го призна тој српски „томос“; признавањето се случи исклучиво преку актот за востановување на каноничноста на МПЦ-ОА од Цариград. Впрочем, индикативно е и тоа што самиот Порфириј, при објавувањето на актот, го формулира како „документ што ние го нарекуваме Томос“, што во академската интерпретација се чита како свесност за разликата меѓу овој акт и легитимниот (канонски) томос за автокефалија во канонската традиција на Црквата, што доаѓа исклучиво од Вселенската Патријаршија. Неуспешните обиди за негово оправдување – предводени од Иринеј Буловиќ, Епископот Бачки и духовен отец на Патријархот Српски, Порфириј – само го потврдуваат фактот дека целата конструкција е теолошки, канонски и соборно неодбранлива.
Практично, без томос од Цариград, МПЦ-ОА останува без сопствени епархии – тие моментално се само „администрирани“ и не се канонски доделени, со делумна зависност од СПЦ. До 2025 година, оваа состојба се продлабочува: МПЦ-ОА сè уште е во „чекална“, без споменување во диптисите и изолирана од соборните структури на Соборната Православна Црква. Оттука, конечната стабилизација на статусот на МПЦ–ОА останува поврзана со завршувањето на канонскиот процес и со нејзиното целосно интегрирање во диптисите и во соборниот живот на Црквата.
Петте точки за внимателност во „томосот“ на СПЦ кои пливаат во сомнежи
- Условна важност и канонска нестабилност
Првиот проблем се однесува на самата канонска стабилност на актот. Доколку неговата важност се врзува за признавање од сите помесни Цркви или за евентуална потврда на Вселенски Собор, тогаш МПЦ–ОА фактички не добива целосно заокружена автокефалија, туку статус што останува отворен, условен и зависен од идни меѓуправославни процеси.
Историски, примерот со Кипарската Црква, чиј статус бил потврден на Третиот Вселенски Собор во Ефес во 431 година, покажува дека соборската потврда е исклучителен и тежок процес, а не редовен механизам за секоја нова автокефалија. Во современи услови, кога свикувањето на нов Вселенски Собор е практично неизвесно, ваквото условување ја остава МПЦ–ОА во состојба на канонска недовршеност: формално признаена од едни, но сè уште без целосна интеграција во диптисите и соборниот живот на целата Православна Црква.
Токму тука се открива првата замка: актот зборува со јазикот на автокефалијата, но неговата практична логика остава простор за продолжена зависност и одложена рецепција.
- „Отстапување“ на епархии и „изнајмување“ храмови – проблемот на црковната сопственост
СПЦ се однесува како сопственик на епархии и храмови во Македонија, говорејќи за „отстапување“ или практично, издавање под кирија. Ова директно потсетува на 1920 година, кога српската држава за да ги преземе, ги плати „административните трошоци“ на овие епархии во висина од 1.500.000 франци, но денес тоа се претставува како големодушност. Ова прашање не е само техничко. Тоа ја допира самата природа на црковната јурисдикција. Епархиите не се приватна сопственост на една помесна Црква, туку канонски простори во кои се врши пастирска служба. Затоа, без томос од Константинопол и без целосно канонско уредување, останува отворено прашањето дали тие епархии се навистина трајно и самостојно доделени на МПЦ–ОА, или само административно „препуштени“ во рамка што сè уште ја задржува сенката на претходната зависност.
Дополнително, ова создава простор за историско-политички наративи според кои македонското црковно наследство се претставува како дел од поширок „старосрпски“ простор. Таквиот пристап не само што го замаглува наследството на Охридската архиепископија, туку отвора можност црковната историја повторно да биде инструментализирана во служба на геополитички проекти.
Ова отвора нов простор за геополитички претензии на „српскиот свет“, потпомогнати со медиумски проекти како документарците под благослов на претстојателите г. Порфириј и г. Стефан, каде Македонија се прикажува како „Стара Србија“, а македонското наследство како „старосрпско“. По тој наратив – македонското е српско по дефиниција.
- Одложување и блокада на патот кон вистинската автокефалија: како за сите – така и за нас
Третиот проблем е во тоа што српскиот акт создава впечаток дека го решава прашањето, а всушност може да го одложи неговото вистинско разрешување. Формално се зборува за „автокефалија“, но документот истовремено упатува на понатамошни односи, преговори и рецепција од други Цркви, вклучително и од Вселенската Патријаршија. Во самиот акт, СПЦ (користејќи дипломатски речник), за да се огради – упатува на преговори со Вселенската Патријаршија и Црквите: „елинофонските“ – чуден термин, но истовремено го поткопува единствениот свето-канонски пат по кој сите автокефални цркви добиле Томос – директно од Константинопол. Тука се јавува суштинската противречност: ако СПЦ навистина дала целосна автокефалија, зошто тогаш процесот мора да продолжи пред Константинопол и пред другите помесни Цркви? Ако пак конечната потврда сепак треба да дојде преку Вселенската Патријаршија, тогаш српскиот акт не е финален томос, туку само административен чекор во поширок процес.
Ова е суштинската замка: „Ние ќе ви дадеме автокефалија, ние сме ви браќа, не ви требаат другите“, иако е познато дека речиси еден век претходно СПЦ го одбиваше возобновувањето на Охридската Архиепископија во МПЦ. Со тоа, српскиот документ станува инструмент за вовлекување на МПЦ-ОА во геополитичка замка, бидејќи српскиот томос е анти-канонско поткопување на светоканонските и светопреданиските принципи за доделување автокефалија, а не канонско решение според соборниот принцип на Православната Црква.
На тој начин, документот може да функционира како средство за блокирање или забавување на вистинскиот пат кон целосна автокефалија: наместо МПЦ–ОА директно да го доврши процесот со првопрестолната Црква, таа се врзува за интерпретацијата на СПЦ и за модел што ја претставува српската страна како „дарител“ на она што канонски треба да се артикулира преку Константинопол.
- Тоа носи и геополитичка зависност и меѓуправославна изолација
Четвртата точка е можеби најопасна: српскиот „томос“ може да ја внесе МПЦ–ОА во нова форма на зависност: актот на СПЦ де факто ја врзува МПЦ–ОА за „српскиот свет“,, не преку отворена забрана, туку преку контролирано признавање. Формално се признава автокефалност, но практично остануваат нерешени прашањата за диптисите, сеправославното признавање, спречувајќи ја да се интегрира во меѓународните православни структури, учестовото во дијаспората преку Меѓуправославните тела на синодско функционирање на Помесните Автокефални Православни Цркви, но и неспоменувањето во диптисите на нивните Претстојатели – кое на пракса значи непризнавање.
Ако една Црква не е рамноправно споменувана во диптисите, ако не учествува самостојно во меѓуправославните процеси и ако нејзината рецепција зависи од посредување на друга помесна Црква, тогаш нејзината автокефалија останува канонски недовршена. Во таков случај, последицата е изолација на МПЦ. МПЦ–ОА не се споменува рамноправно, не учествува директно, а СПЦ – преку својот Српски патријарх и митрополитите – ја претставуваат Црквата во Македонија на Соборите на автокефалните Цркви. Директно или индиректно, МПЦ–ОА останува во положба на ограничена субјектност.
Дополнително, ова создава движечка енергија за политичката идеологија на „српски свет“, простор за никогаш незгаснатата идеја на великосрпската етничка пропаганда, за провокации и медиумски конструкции како српските документарци за „српски манастири, цркви и наследство“ во Македонија (според пропагандната машина – Стара Србија).
- Злоупотреба на предзнакот „Македонска“ како популистичка формула
Петтата точка се однесува на употребата на македонската придавка. СПЦ со децении го проблематизираше и историското право на Охридската архиепископија и употребата на македонскиот црковен назив. Но токму во моментот кога Вселенската Патријаршија ја прими МПЦ–ОА во канонско и евхаристиско единство, СПЦ како пред свршен чин – одеднаш го употреби називот „Македонска Црква“ во сопствениот акт.
Тука се гледа грубата манипулација со чувствата на верниот и децениски страдален македонски народ. Народот кој долго време живееше во канонска изолација добива зборови што звучат како признание, но во документ што не го решава суштинското прашање: целосната автокефалија преку томос од првопрестолната Црква на Константинопол. Така македонското име се искористи како емоционален и популистички инструмент, а не како вистинско канонско ослободување, прикривајќи го пред верниот народ во Македонија фактот кој СПЦ го знае, а тоа е дека целиот акт на СПЦ е неканонски и спротивен на правилата кои постојат во целото Православие.
Во таа смисла, целиот чин може да се разбере како дел од пошироките геополитички превирања во православниот свет, особено во контекст на руско-украинскиот конфликт, кој одамна го надмина рамништето на чисто црковен спор. Наместо да се ограничи на административното уредување на епархиите, согласно насоката дадена од Вселенската Патријаршија, Српската Православна Црква го искористи моментот да го вгради токму она именување што со децении го проблематизираше, претставувајќи го тоа како сопствен дар и чин на братска грижа.
Овие проблеми не се само моментални или реторички, туку претставуваат долгорочни структурни слабости со сериозни последици за канонскиот интегритет на МПЦ–ОА, нејзината меѓуправославна положба и историското наследство на Охридската архиепископија. Затоа, прашањето не може да се сведе на емоционално прифаќање на еден документ, туку мора да се разгледува во светлина на канонскиот поредок, соборноста, еклитонот и конечната еклисиолошка стабилизација преку првопрестолниот престол на Константинопол.
Замка во „томосот на СПЦ“: автокефалија по збор, автономија по структура
Во суштина, српскиот акт треба да се чита не според неговиот свечен наслов, туку според неговата внатрешна логика. Иако документот формално говори за автокефален статус, неговите формулации, условувања и контекст повеќе наликуваат на модел на канонска автономија отколку на целосна автокефалија.
Самиот акт во кој СПЦ дефинира „автокефален“ статус на МПЦ-ОА, всушност содржи клаузула со проблематична логика, која ја сведува црквата на подредена позиција, а гласи: „Нераскинлива врска со СПЦ“. Текстот: „Во нераскинлива врска на љубовта и единство со СПЦ и со сите Свети Помесни Православни цркви“ – на прв поглед, таа може да изгледа како израз на братска љубов и евхаристиско единство. Но ако се постави како посебна врска со СПЦ, со акцент на „СПЦ прва или „црква – мајка“, пред или над нормалното општоправославно единство, тогаш таа создава впечаток дека МПЦ–ОА не е целосно слободна сестринска Црква, туку Црква чиј статус останува трајно врзан за Пеќ, што практично ја лишува од можната канонска независност – која доаѓа единствено од Константинопол, според досегашната пракса на Црквата.
Православното единство е евхаристиско, а не хиерархиско. Секоја автокефална Црква е во единство со сите други помесни Цркви, не во посебна зависност од една од нив. Затоа, манипулацијата во текстот со „нераскинливата врска“ со СПЦ, всушност, е злоупотреба и средство за задржување на влијание, тоа не е израз на единство, туку механизам на контролирана дистанца: МПЦ–ОА формално се признава, но суштински се задржува во орбитата на СПЦ.
Но тука флоскулата на единството се злоупотребува како инструмент за спречување на дистанца – односно се користи за да се утврди влијанието на СПЦ врз МПЦ уште посилно. Токму тука се открива главниот проблем: српскиот „томос“ го употребува јазикот на автокефалијата, но ја произведува логиката на автономијата. Тој создава статус што изгледа како слобода, но во својата структура остава зависност – од рецепција, од толкување, од јурисдикциско дефинирање и од понатамошно меѓуправославно признавање. Бидејќи, реално, доколку СПЦ би ја оставила МПЦ-ОА да стане вистински автокефална – со Томос од Цариград – канонски и општопризнаен од сите Помесни Автокефални Цркви – тоа влијание СПЦ ќе го изгуби – нешто кое тие не би можеле да си го дозволат, бидејќи тоа би им претставувало геополитичка загуба.
Од друга страна, во поширокиот контекст на современите меѓуправославни односи, може да се забележи тенденција за релативизирање на првопрестолната улога на Константинопол преку нагласување на други древни патријаршиски центри, особено Ерусалим. Во таа насока може да се толкува и промовирањето на Ерусалим како „духовна мајка Црква“ од страна на одредени претставници на српската црковна мисла, меѓу кои особено се спомнува епископот бачки Иринеј Буловиќ. Таквиот пристап, ако се разгледа во поширок канонско-политички контекст, може да се разбере како обид за намалување на улогата на Константинопол, чии привилегии и првопрестолна позиција се утврдени преку одлуките на Вселенските Собори.
Логиката е следна: Московската Патријаршија како петта во диптихот, не може директно да преземе примат. Втора е – Александриската Патријаршија, трета – Антиохиската – кои несомнено – го почитуваат светоканонскиот поредок, додека Ерусалимската Патријаршија, која е четврта и со значајно руско државно економско влијание (преку клирот и поклониците) може полесно да служи како посредник.
Оваа логика се поврзува со пошироката идеологија на „Третиот Рим“, во која црковните аргументи често се преплетуваат со империјални, национални и геополитички проекции. Во таков контекст, наративите на „рускиот свет“, „српскиот свет“ и сличните етноцрковни конструкции може да функционираат како обиди за издвојување на словенските православни Цркви од вселенскиот и соборен поредок на Православието. Во суштина, ваквата логика ризикува да ја обнови етнофилетистичката тенденција, веќе осудена во историјата на Црквата, според која националниот или геополитичкиот интерес се поставува над соборноста, евхаристиското единство и канонскиот поредок.
Целата анализа ОВДЕ

