Во сите храмови на Романската православна црква беа вознесени молитви за мир, по повод навршувањето на четири години од почетокот на воените дејствија во Украина.
Свештенослужителите во Романија и во дијаспората, кои служат во парохиски храмови, манастири, болнички параклиси и храмови при социјални установи, ја прочитаа Молитвата за мир, одобрена од Светиот синод на Романската црква. Во неа верниците се молеа за преобразување на срцата што се свртени кон војна, како и за помош и утеха на ранетите, бегалците и сите што страдаат од последиците на конфликтот. За време на светатаЛитургија беа вклучени и дополнителни прозби за мир во ектениите.
Богослужбениот оддел на Романската патријаршија подготвил и други молитви за мир, наменети за употреба во богослужбениот живот и во личните молитви на верниците, кои допрва треба да добијат одобрување од Светиот синод.
Со оваа иницијатива Патријаршијата ги повикува христијаните на милосрдие кон оние што страдаат од војната, како и кон бројните украински бегалци во Романија, кои веќе четврта година се разделени од своите семејства.
Според актуелните податоци, во Романија со статус на бегалци од Украина се наоѓаат околу 198.000 лица, додека милиони други поминале транзитно или престојувале привремено во земјата. Романската православна црква од почетокот на војната обезбедува континуирана поддршка преку финансиска помош, храна, облека, сместување, транспорт, духовна и социјална грижа.

