На почетокот на февруари, во централна Кенија се одржа меморијална церемонија во спомен на Чарлс Вајтака Уангари, 31-годишен Кениец кој загина во војната во Украина во декември минатата година. Неговата фотографија беше поставена на стол, опкружена со рози и запалени свеќи.
Вајтака, поранешен перспективен фудбалер, отпатувал во Русија во октомври со намера да работи како оператор на тешка механизација во фабрика. Според информациите на неговото семејство, по пристигнувањето бил повикан во руската армија и испратен на фронтот. Загинал во експлозија, само два месеца по пристигнувањето. Веста за неговата смрт семејството ја примило на Божиќ, при што било известено дека поради интензивните борби неговите посмртни останки не можат да бидат извлечени.
Неговата мајка, повика надлежните власти да помогнат во враќањето на телото на нејзиниот син за да може да биде достојно погребан, нагласувајќи дека без тоа не може да најде мир.
Според локални извори, патувањето на Вајтака до Русија било олеснето преку контакти поврзани со кругови на Руската православна црква. Одредени организации за човекови права отворија прашања во врска со евентуалната улога на црковни структури во информирањето или посредувањето за можности за работа во Русија.
Фредерик Одхиамбо Оџиро од организацијата „Vocal Africa“ изјави дека, според нивните сознанија, на младите Кенијци им биле ветувани плати од 350.000 до 400.000 кенијски шилинзи, но дека дел од нив не ги добиле средствата поради одземање на документите и други неправилности. Според неговите проценки, повеќе од 500 Кенијци патувале во Русија во изминатите две години, а околу 200 семејства се обратиле до организацијата за помош.
Свештеник на Руската православна црква во Најроби, кој побарал да остане анонимен, изјавил дека црквата испраќа студенти на богословски студии, а не на воена служба, но признал дека студентите биле предупредувани за можноста од мобилизација. Тој нагласил дека, според неговите информации, ниту еден од студентите испратени преку црквата не се приклучил на армијата.
Присуството на Руската православна црква во Африка значително се зголеми од 2021 година, кога беше формирана Патријаршиска егзархија во Африка. Овој чекор предизвика канонски спор со Александриска патријаршија, која традиционално има јурисдикција над православните заедници на континентот. Од тогаш, формирани се над 200 руски православни парохии во 25 африкански држави.
Спорот меѓу Москва и Александрија се продлабочи поради несогласувањата околу автокефалната Православна црква на Украина, призната од Вселенската патријаршија во 2018 година.
Во меѓувреме, кенијските власти најавија мерки против нелегалните агенции за посредување и побараа од Русија да се спречи регрутацијата на кениски државјани за воени цели.
Мајката на загинатиот Вајтака апелираше државата да помогне во враќањето на оние кои сè уште се живи и сакаат да се вратат дома, истакнувајќи дека дел од повратниците пристигнуваат со повреди и трајни последици и имаат потреба од поддршка и психосоцијална помош.

