Почетна Вести Македонски молебен во Рим: Свети Кириле моли се за нас!

Македонски молебен во Рим: Свети Кириле моли се за нас!

153
0

Митрополитот Европски г. Пимен и дебарско-кичевскиот митрополит г. Тимотеј отслужија молебен на „Свети Кирил“ за денот на сесловенските просветители, во базиликата „Сан Клементе“ во Рим.

На молебенот кој е дел од традиционалната манифестацијата „Македонија во чест на свети Кирил“  присуствуваше македонската делегација предводена од претседателот на Собранието Трајко Вељаноски. Во делегацијата беше министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, претседателката на Комисијата за односи меѓу верските заедници Валентина Божиновска, деканот на Богословскиот Факултет, Ѓоко Ѓоргевски, македонските амбасадори во Рим и Ватикан, како и голем број Македонци од дијаспората.

Ова е централен настан во рамки на манифестацијата, со кој се оддава почит на „Светите Кирил и Методиј“.

-Денеска го прославуваме свети Кирил. Стоејќи сега пред твојот свет гроб, свети Кириле застапи се со твоите свети молитви пред Севишниот Бог. Застапи се за Македонската православна црква и за македонскиот народ. Да ги надминеме сите непријатности, внатрешни и надворешни. Та во меѓусебен мир и слога да го славиме името на Севишниот, сега и во сета вечност, порача митрополитот Тимотеј.

Надлежниот митрополит за Европската Епархија, Владиката Пимен вели дека со чествувањето на Свети Кирил овде во Рим, Македонија молитвено расте.

Поклонението на гробот првпат е организирано во 1969 година и оттогаш секој 24 мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација.

Манифестацијата синоќа почна со отворање на изложбата „Св. Климент Охридски и неговите претстави во ликовната уметност“ и концерт на гитаристот Дарко Багески.

Изложбата која е поставена во Понтификалниот универзитет „Урбанијана“, ја отворија претседателот на Собранието на РМ Трајко Вељаноски, а се обрати и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.

ГАЛЕРИЈА:

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *