Не можејќи да ја прослави литургијата за Цветници во Црквата на Светиот Гроб во Ерусалим, откако израелската полиција го спречи да влезе во Црквата, Латинската патријаршија во Ерусалим го водеше свеченото одбележување на Цветници во живо од Базиликата на сите народи во Гетсиманија.
Кардиналот Пјербатиста Пицабела истакна дека во подножјето на Маслиновата Гора, каде што Исус се молел во градината, ја почнувааат Страсната седмица со посебна молба за помирување и надеж, предводејќи ја Литургијата на Словото и предаде свечен благослов со реликвијата од Светиот крст насочена кон градот Ерусалим.
„Денес Исус повторно плаче над Ерусалим“, рече тој. „Тој плаче над овој град, кој останува знак и на надеж и на тага, на благодат и на страдање. Тој плаче над оваа Света Земја. Тој плаче за сите жртви на војната што изгледа бескрајна: за поделени семејства, за скршени надежи. Но, солзите на Исус никогаш не се без плод. Тие ни ги отвораат очите, нè предизвикуваат и ја откриваат вистината.“
Забележувајќи го отсуството на традиционалните прослави на Цветници со поворки и палми, тој рече дека иако војната ги нарушува нормалните изрази на верата, вистинската вера не зависи од надворешни ритуали и може да остане жива дури и во тишина и тешкотии.
„Сигурни сме дека Распнатиот и Воскреснатиот не престанува да оди меѓу нас: дури и кога патот е блокиран, Тој престојува во срцето на оние кои не престанале да Го следат“, рече тој.
„Сепак, токму во оваа наметната тишина, литургијата станува поавтентична. На извикот „Осана“ не му требаат гранки за да се издигне до небото, а верата не се колеба кога надворешните обреди се лишени, потенцирал Кардиналот.
-Но, да се живее верата тука, рече тој, „значи да се прифати контрадикцијата што таа ја отелотворува: местото на воскресението е исто така и местото на Голгота; местото на Божјата прегратка е сè уште обележано со премногу омраза“.

