Државниот архив на Македонија објави редок историски документ од Охридската Архиепископија. Станува збор за писмо, но она што според архивот е најзначајно, е печатот на Охридската Архиепископија од XVI век. Станува збор за исклучително вреден документ, што сега излегува во јавност.
-Дали знаевте дека…Државниот архив чува писмо од охридскиот архиепископ Гаврил, испратено до надвојводата Фердинанд Хабсбуршки на 8 октомври 1587 година. Во писмото, архиепископот бара помош за Охридската архиепископија и дозвола да отпатува во Рим кај папата Сикст V, со цел создавање сојуз за ослободување на христијаните од турското ропство. Посебна вредност на документот му дава и оригиналниот печат на Охридската архиепископија од XVI век, кој претставува редок и автентичен доказ за нејзината духовна, политичка и дипломатска улога низ историјата, пишува во објавата на Фејсбук страницата на Државниот Архив на Македонија.


