Почетна Анализа Јован – чин втори
Јован – чин втори

Јован – чин втори

1.09K
1

Владиката Јован се врати на македонските медиуми, овој пат како митрополит Крушевско-демирхисарски. Во многу ставови непроменет, во некои претпазлив, но во некои поразличен од она што црковната јавност веќе го има забележано. Иако со сериозно нарушено здравје, сепак впечатокот што го остава укажува на тоа дека неговата теолошка мисла е во одлична кондиција, што впрочем го прави и одличен познавач на состојбите и канонските процеси.

Во тој контекст интервјуто за емисијата 360 Степени, беше одлична можност да се расветлат некои аспекти за македонското црковно прашање година и половина по постигнатиот договор меѓу МПЦ-ОА и СПЦ. Во ова интервју има многу детали, кои ако внимателно се склопуваат, ќе ја дадат сликата на состојбата во која сега се наоѓа МПЦ-ОА, но и редоследот на движење на процесите. Кога таа слика ќе се погледне од дистанца ќе се види дека е демаскирање на една магла што по 19 мај 2022 година беше послана од одредени владици на МПЦ-ОА како прашина врз реалната состојба.

Јован во ова интервју е објективно коректен. Иако многумина ќе речат „недоволно храбар“, сепак од подалечна перспектива можеби и повеќе од храбар, бидејќи не секогаш зборовите ја чинат целината на суштината, колку што тоа е контекстот на кажаното. Сепак СПЦ 20 години беше неговата закрила на преживување во налет на прогоните што државата, по налог на МПЦ, ги спроведуваше. Во таа смисла и разбирлив е балансот негов кога се обидува да ги оправда постапките на СПЦ за издавање на Томос за автокефалност, за кој и самиот вели дека тоа треба да биде предлог за автокефалност, а не автокефалност. Реално и никој не треба да очекува некаква конфронтација со СПЦ, бидејќи и тоа кажаното во ова интервју, е доволна конфронтација.

Јасниот контекст на ставовите на Јован од тоа интервју укажуваат на суштината дека МПЦ-ОА сега не е целосно автокефална црква и тоа е клучното прашање. И второто дека Вселенската патријаршија е крајната адреса на која МПЦ-ОА сепак ќе мора да замине. Овие два аспекта се повеќе од доволни за да македонската црковна јавност конечно разбере дека упорното тврдење на некои владици оти Томосот од СПЦ ја прави МПЦ-ОА автокефална и дека тој е доволен, е само држење во заложништво на финалното решение на црковниот спор.

Тајната на тајните кратки разговори …

Вториот многу важен аспект од ова интервју го открива редоследот на движење на процесите. Јован вели дека решението на деценискиот спор меѓу МПЦ-ОА и СПЦ е личен договор на Патријархот српски Порфириј и владици на МПЦ-ОА. Во интервјуто Јован потенцира дека: „реално дијалогот траеше многу кратко. Траеше некаде од крајот на јануари, можеби почетокот на февруари до април месец“. Иако на потпрашање за која година станува збор вели 2021-ва, сепак прави лапсус бидејќи Порфириј за патријарх е избран на 18 февруари 2021 година, а ден потоа на 19 февруари 2021 година устоличен за Патријарх, така што разговорите со МПЦ-ОА се случуваат во 2022 година.

Но зошто е важен моментот на тајмингот што Јован го спомнува во интервјуто и вели дека траел многу кратко од крајот на јануари до април. Ова ја открива вистината дека одлуката на СПЦ да влезе во решавање на прашањето со МПЦ-ОА е реакција на веќе донесената одлука од страна на Вселенската патријаршија за конечно решение на деценискиот проблем во Македонија, а не обратно, како што дел аналитичари блиски до одредени владици тоа го лиферуваат во јавноста. Непосредно по изборот на Порфириј за нов патријарх на СПЦ, Вселенскиот патријарх Вартоломеј испраќа две писма до СПЦ. Првото по изборот на Порфириј во кое му честита устоличувањето на Печкиот Трон и второто кон крајот на 2021 година, кога бара посета на Фанар со делегација на СПЦ на која треба да се разговара за враќањето на Охридската Архиепископија во канонско единство. Тоа писмо практично е трет повик од Вселенската патријаршија кон СПЦ за разговори, од кои претходните два во 2019 и 2020 беа одбиени од страна на СПЦ и тогашниот патријарх Иринеј. Токму ова писмо е клучно и во СПЦ протолкувано како сериозен аларм дека Вселенската патријаршија пред Велигден ќе ја врати МПЦ-ОА во канонско единство, со или и без во тој процес да се вклучи СПЦ. Токму затоа кон крајот на Нова година, Порфириј праќа писмо до Архиепископот Стефан во кое го повикува на дијалог за решавање на спорот и тука практично почнуваат, како што вели Јован кратките разговори, кои финишираат со заедничка служба во Белград на 19 мај, откако на 9 мај веќе Вселенската патријаршија ја објави одлуката за враќање на Охридската Архиепископија во канонско единство.

„Цело е кога има се …“

Иако Митрополитот Јован во интервјуто се обидува да прави баланс меѓу реалноста и желбата, сепак редоследот на одговорите од потпрашањата ја потврдуваат тезата дека српскиот Томос не е завршен документ, меѓу другото и затоа што по својата содржина укажува на отворени прашања, како називот на црквата и оставениот простор за согласност од другите цркви … Ако е Томос – треба да е завршен документ, или како што вели Јован: „со многу напорни преговори секако дека може да се убеди Вселенската патријаршија овој Томос да го третира како предлог. Во суштина така и беше договорено – значи, мајката црква да даде предлог на Вселенската патријаршија …“

Она што сепак е индикативно во изјавите на Јован од ова интервју и каде всушност може да се лоцира обидот за балансирање е очигледната намера да се оправда СПЦ за постапката за издавање Томос, правдајќи ја дека прашањето за автокефалноста во Православниот свет не е решено и дека СПЦ немала друг избор, освен на тој начин да постапува. Но, токму аргументот што Јован го користи за да ја правда СПЦ е контрааргумент на неговата теза, па така во само две минути самиот себе се демантира.

Прво вели дека сите автокефалии од 16 до 20 век, кои практично се најголемиот број автокефални цркви ги има дадено Вселенскиот патријарх и од тие причини сега се чувствува навреден. Потоа се повикува на одлуките од сеправославната конференција во Шамбези каде начелно во 2009 година е постигнат договор како ќе се доделуваат новите автокефалии, но не се договориле со финалниот аспект на решението, што би влегло во официјалниот текст. Но намерно, или ненамерно тој прави свесен превид, иако знае дека православните цркви не бараат решение, туку ново решение за доделување на автокефалноста. А ако новото решение не е усогласено, тогаш важи старото решение, барем така вели логиката.

Од друга страна и самото решение од Шамбези, за кое има начелен договор, не подразбира дека СПЦ е таа која издава Томос за автокефалност, туку и според тоа решение Томосот за автокефалност го пишува и потпишува Вселенскиот патријарх. Новите аспекти се однесуваат на потребната согласност од Мајката Црква и сосведочењето на поглаварите на останатите православни цркви.

Фамозниот текст на ова правило од 2009 година е составен од две реченици и гласи:

(Изразувајќи ја согласноста на мајката-црква и сеправославната согласност, вселенскиот патријарх официјално ја прогласува автокефалијата на црквата со издавање Томос. Овој Томос го потпишува вселенскиот патријарх, а за тоа преку своите потписи му сосведочуваат и поглаварите на најсветите православни цркви, коишто за тоа се поканети од вселенскиот патријарх) Ова е официјалниот заклучок од седницата во Шамбези во 2009 година околу кој постои начелен консензус, но и како таков овој заклучок не беше на дневен ред на Соборот на Крит и денес не е во функција. Така што и според старото правило, и според новото кое не е усвоено, Мајката Црква, во случајот СПЦ не издава Томос за автокефалност. Што значи дека чекорот на СПЦ во поглед на МПЦ-ОА е неканонски и неисправен.

Митрополитот Јован тоа многу добро го знае и затоа остава многу чуден контекст тезата која практично ја наметнува преку ова интервју: „Мислам дека ќе биде многу тешко да се очекува Томос, меѓутоа може да се најде фаза во која Вселенската патријаршија ќе се согласи со автокефалија. А да има друг посебен Томос малку ќе биде … Два томоса никогаш не се давале, што значи – од една страна, вие може да речете преурането од СПЦ, а од друга страна, некој друг да каже – па, нема само Вселенската патријаршија ексклузивно право да издава Томос зашто тоа прашање не е решено на соборот.“

Што е овде спорно, а што е проблематично?

Експеримент со два Томоса веќе има во случајот со црквата на Чешка и Словачка, иако случаите МПЦ-ОА и Црквата на Чешка и Словачка се сосема различни и сосема во поинаков контекст, сепак Руската, се обиде со Чешката да ги промовира своите аспирации и да го отпочне процесот на девалвирање на Константинопол за давање на автокефалии, а со тоа да ги промовира своите аспирации за првопрестолност. Автокефалност и прогласи 1951 година, но во таквите услови Црквата на Чешка и Словачка не беше прифатена и на крајот пак доби Томос од Вселенската патријаршија 1998 годинаи и со тоа станаа официјално прифатена Помесна црква.

Сегашниот Томос на СПЦ е во сличен контекст и тој на некој начин може да се толкува и како намерен маневар и од гледна точка да се стави МПЦ-ОА во беспаќе, да се усложни состојбата, да се остане во непремостливо статус-кво. Затоа и малку зачудува ставот на Јован дека „ќе биде многу тешко да се очекува Томос, меѓутоа може да се најде фаза во која Вселенската патријаршија ќе се согласи со автокефалија“, знаејќи и тој самиот дека Вселенската патријаршија нема никакви теоретски шанси да се согласи со автокефалија прогласена со Томос од која било друга црква. Затоа во тој контекст, за кој зборува и Јован, не е излишно да се анализираат некои од поранешните настапи на Бачкиот епископ на СПЦ, Иринеј, кој своевремено заговараше дека нема потреба од нови автокефални Цркви, дека постојните го опфаќаат просторот, мислејќи на немањето потреба да се ситни ниту СПЦ ниту РПЦ. И токму тука веројатно е таа суштина што МПЦ-ОА денес дефакто ја прави автокефална црква во рамките на СПЦ, а дејуре автономна црква во границите на СПЦ. Еден нов експеримент во Православниот свет. Во овој случај МПЦ е ни ваму ни таму, а СПЦ е ем задоволна зашто ја држи во својата сфера, ем оправдана пред останатите цркви дека го решила деценискиот канонски проблем во своите граници.

Но, ако Митрополитот Јован искрено мисли дека МПЦ-ОА треба да стане вистинска автокефална црква, а јас овој пат нема да се сомневам во тоа, особено што многу други нешта од тоа интервју укажуваат на тој факт, тогаш ќе треба да поразговара со сега своите владиците во Синодот на МПЦ-ОА и да ги убеди дека изодениот до половина пат, треба да продолжи да се оди докрај. Но, тој процес треба да го води самата МПЦ-ОА, во спротивно ако остави простор утре Вселенската патријаршија и Српската црква сами да бараат решение, тогаш или тоа решение нема никогаш да се случи, или пак ќе се случи повторно на штета на МПЦ-ОА.

Томосот на СПЦ е, но и не е проблем ако на него и МПЦ-ОА гледа како на предлог за автокефалија, како на документ за претставување на таа автокефалија пред Вселенската патријаршија. Бидејќи од двата Томоса лесно се прави еден. Во тој еден од Вселенската патријаршија лесно се инкорпорира и суштината од Томосот на СПЦ, бидејќи документот за македонската автокефалност треба да ја содржи и согласноста на Мајката Црква за автокефалност, но и што е уште поважно соглсноста за отстапување на епархиите во границите на државата Македонија. Но, прашањето е дали СПЦ ќе прифати таков расплет на настаните и на потпишувањето на тој Томос да и самата присуствува со заедничка Богослужба меѓу тогаш веќе трите сестрински автокефални цркви. Секое противење на ваков расплет на состојбите, само ќе ја потврди тезата дека СПЦ е само инструмент на руската црковна политика.

Впрочем и Владиката Јован, кој сосема коректно и точно ја опиша историјата на Охридската Архиепископија како црква која историскиот контекст ја сместува во ромејскиот свет, веројатно не мисли дека нејзината иднина, како возобновена автокфална црква во лицето на МПЦ-ОА и во јуриздикциски граници на државата Македонија, е во рускиот свет.

Во интервјуто и низа други аспекти кои испреплетуваат политички и историски прашања за кои Јован нема променет став. Очигледно дека и по 20 години не ја научил приказната за учениот млад поп и неучениот стар поп.

Пишува: Марјан Николовски

Коментар(1)

  1. Насловот ви е противречен: тука се разговара за црковна политика, теолошка мисла од ниедна страна нема. Теолошка мисла, богословска мисла, тоа е термин за боговдахновеност и откровение. Не е поврзан со никаков меѓусебен договор на црковни великодостојници. А и нема никаква врска со констатирање на факти во момент кога многу вода протекла под мостот. Добро е да се знае колку бистра била таа вода. Веќе подолг период се води силна борба по сета екумена за два суштински концепти на пројавата на Божјата Волја и со самото тоа на – за едни Божјата за други Божествената – Правда во Православието, значи за две спротиставени сфаќања за постоење или непостоење хиерархија меѓу носителите на полнотата на даровите на Светиот Дух (помала и поголема полнота? полнота de jure или полнота de facto). Ако е веќе ‘полнота’, за каква полнота се работи? Има ли (светотаински подарена, хиерархиски востоличена, полнота со граници или само полнота без граници? Еден ли е носителот на таа полнота кој ги одредува границите на полнотата на даровите на останатите носители на ‘полноти’? Значи, конечно можеме да си дозволиме да кажеме дека постои разлика од ‘полнота’ до ‘полнота’ и дека притоа има и можност за промена на доминациите според можностите даровите на одредени носители да засјаат во посилен блесок од оние на останатите? Каде е разликата меѓу првопрестолноста на Стариот Рим и првопрестолноста на Вториот Рим (Константионопол) од еклисиолошки аспект? Ако таа граница се укинува заради отпор кон новозасјаената полнота на Третиот Рим, што е тоа што му ја оспорува полнотата на Првиот Рим, последователно и на Вториот? И кој останува под Крстот и покрај се’? Има ли потреба од заедничарење, ако некои се разбегале од Голгота дури и без своите облеки, без некое очекување на ветеното Воскресение, кое сепак ќе го доживеат, но колку тоа ќе го намали нивниот благодатен сјај, каква промена во посакуваните доминации на тие ‘полноти’ кои веќе си ги одмеруваат силите ќе ги прекрои пред се’ духовните безграници или граници на светот? “Ги знам твоите дела.” Вели Господ. “Ете поставив пред тебе отворена врата којашто никој не може да ја затвори; зашто ти имаш мала сила и сепак го запази словото Мое и не се одрече од Моето Име” (Откровение на Св. Јован Богослов, 3; 8). Мислам дека г. Јован Вранишковски не се обрнал на оваа тема до овој миг, а војната на богословската сцена е таа). Царското свештенство било и ќе остане бедемот на Православието, зашто од таков Првосвештеник и безгранично се напојува од Несоздадената Светлина среде сржта на Созданието.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *