/Од Пјаченца Италија за Религија.мк Мирјана Давидовска (сител ТВ)
Во духот на христијанското заедништво и меѓусебно почитување, денеска во Пјаченца беше официјализиран договорот со кој Македонската православна црква Охридска архиепископија покрај храмот го добива целиот простор околу црквата кој ќе значи простор за социјално и културно збиднување на Македонците.
На свечениот чин, договорот го потпишаа митрополитот Европски Пимен и монсињор Адријано Чеволото, бискуп на Епархијата на Пјаченца и Бобио.
Имотот вреди 800 000 илјади евра и ќе се исплаќа 20 години, но ќе биде во трајно владение на МПЦ-ОА.
Овој црковен простор ќе биде стожер на македонската култура, јазик и традиција. За нашите иселеници, ова значи место каде ќе можат да ги крштеваат своите деца, да ги венчаваат младите, да празнуваат, да организираат натпревари и да допринесуваат за опстојувањето на црковната заедница. Чинот на предавањето од страна на бискупот Адријано Чеволото е силна порака за братската љубов и солидарност меѓу Католичката црква и МПЦ-ОА, што дополнително го зајакнува угледот на македонската заедница во Италија, велат од епархијата.
За верниците, овој потпис на владиката Пимен и бискупот Чеволото не е само формалност, туку гаранција дека македонскиот јазик и православната молитва ќе продолжат да одекнуваат во Италија.
По потпишувањето, двајцата достоинственици разменија срдечни честитки, нагласувајќи дека грижата за верниците и нивните духовни потреби е заедничка мисија која ги надминува сите граници.






