Благодатниот оган од Ерусалим утре ќе пристигне и во црквите во Руската православна црква во Москмка. Мисијата на програмата „Барајте мир за Ерусалим“, во чии рамки делегација на Фондот „Свети Андреј Првозвани“ ќе го донесе Благодатниот оган од Светата земја во Москва, успешно започна во услови на вонредни безбедносни мерки, изјави за РИА Новости раководителот на делегацијата и претседател на Управниот одбор на Фондот, Владимир Јакунин.
Во петокот делегацијата на фондот, во која учествуваат и викарот на патријархот московски и на цела Русија Кирил, митрополитот каширски Теогност (Гузиков), ректорот на Московската конзерваторија Александар Соколов и други истакнати личности, пристигна во Тел Авив на аеродромот „Бен Гурион“, а потоа се упати кон Ерусалим.
„Безбедносните мерки се вонредни, самата ситуација е исклучително сложена, но сме благодарни на сите служби кои помагаат и обезбедуваат сигурност. Се надеваме, како што велиме, Господ ќе уреди“, изјави Јакунин по пристигнувањето во Израел.
Благодатниот оган секоја година се појавува на Велика сабота, во пресрет на празникот Велигден, во Црквата на Светиот Гроб во Ерусалим, изградена на местото каде што бил распнат, погребан и воскреснал Исус Христос. Од 2003 година, Фондот „Свети Андреј Првозвани“ редовно го пренесува Благодатниот оган од Ерусалим во Москва за Велигден.
Фондот планира Благодатниот оган да пристигне во Москва на аеродромот „Внуково“ во сабота навечер, со поддршка на Државната транспортна лизинг компанија, со авионот „Валентина Терешкова“ на државната корпорација „Роскосмос“. Потоа, според традицијата, огнот ќе биде донесен во катедралниот храм „Христос Спасител“ во Москва, каде ќе се одржи ноќното патријаршиско велигденско богослужение, во ноќта меѓу 11 и 12 април.
