Во рамките на нејзината официјална посета на Македонија, претседателката на Република Индија, Друпади Мурму, ја посети Спомен-куќата на Света Мајка Тереза во Скопје, каде што оддаде почит на животот и делото на светицата родена во македонската престолнина.
Во Спомен-куќата, индиската претседателка беше пречекана од скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх, монсињор Киро Стојанов, со кого оствари средба и се запозна со мисијата на Католичката црква во Македонија и со значењето на Света Мајка Тереза како една од најпознатите личности со потекло од Скопје.
На посетата присуствуваше и претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, која на својот Фејсбук профил објави:
„Оддадовме почит на ликот и делото на светицата, чии универзални пораки за милосрдие, солидарност и грижа за човекот и денес одекнуваат ширум светот.“
Посетата на Спомен-куќата на Света Мајка Тереза беше еден од значајните моменти од официјалната програма на индиската претседателка во Македонија, со оглед на тоа што светицата, која е родена во Скопје, има особено место и во Индија, каде што го помина најголемиот дел од својот живот и ја основа мисионерската заедница „Мисионерки на љубовта“, посветувајќи се на најсиромашните и најранливите.





