Што навистина се случува во цркован Црна Гора, дали соопштението на Прес-бирото на Надворешната разузнавачка служба на Руската Федерација смее да се чита само како обична политичка пропаганда, во оркестрираните руски напади кон патријархот Вартоломеј?
Можеби се би било дел од пропагандата, доколку српскиот влијателен дневен весник Политика не објави коментар во кој директно го нападна Митрополитот Црногорско-приморски Јоаникије, барајќи од него јасна дистанца од евентуални идни потези на Цариград во Црна Гора.
Текстот со наслов: „Јоаникије мора да каже дали Фанар има соговорници во митрополијата Црногорско-приморска“, алудира на сосема поинаков тек на настаните во Црна Гора. Имено, тој текст ја отвара старата дилема, која наводно уште претходниот тамошен Митрополит Амфилохије ја заговараше во неформални кругови. Иако сите мислат дека кога Фанар би дал Томос за автокефалија во Црна Гора, тоа би било за Црногорската, неканонска православна црква, сепак во тамошната црковна јавност секогаш постоеше опцијата таквиот Томос да заврши ка митрополијата, што сега е дел од СПЦ.
Во тој контекст е и коментарот на српска Политика во кој се посочува дека „она што во тој текст(се мисли на извештајот на руското СВР) е кажано на јазикот на разузнавачката анализа, во црковна смисла претставува сериозно предупредување дека процесот на систематско разорување на канонскиот поредок на Православната црква влегол во нова фаза – фаза во која веќе не се напаѓаат само надворешните граници, туку се бараат и се користат внатрешните пукнатини.“
-Меѓутоа, она што за српскиот црковен простор е најважно е фактот што во ова соопштение Српската православна црква се споменува како „особено тврдоглава“. Во превод од дипломатскиот и разузнавачкиот јазик, тоа значи дека СПЦ е препознаена како една од последните институционални брани против концептот според кој Цариград сака да се наметне како надцрковен центар на моќ, спротивен на соборноста и канонското устројство на православието. Во тој контекст, споменувањето на намерата да се додели автокефалност на т.н. „Црногорска православна црква“ не треба да се сфати како крајна цел, туку како инструмент. Сектите што ги предводат Мираш Дедеиќ или Борис Бојовиќ сами по себе не се доволни за да предизвикаат сериозен црковен потрес. Тие се маргинални, без вистинска духовна тежина и без подлабоко вкоренување во народот. Но токму затоа тие не се суштината на проблемот, туку параван, пишува во коментарот на Политика.
Тој посочува дека токму суштината на проблемот лежи во Црна Гора, и тоа внатре во самата Српска православна црква.
-Со децении во Црногорско-приморската митрополија постојат кругови кои не го прифатиле соборниот карактер на СПЦ, кои митрополијата ја доживувале како посебна историска, па дури и политичка категорија, и кои свесно или потсвесно ја негувале идејата за посебност што лесно може да прерасне во автономаштво, а во погоден момент и во отворен црковен сепаратизам. Тие кругови со години покажувале забележлива нелагодност при секоја посета на српскиот патријарх на Црна Гора. Без оглед дали станува збор за сегашниот патријарх Порфириј или за неговите претходници, во јавниот и полуприватниот дискурс се повторувала истата матрица: патријархот се доживувал како гостин, а не како поглавар на Црквата кој и во Црна Гора доаѓа кај своите, меѓу својот народ и во својата јурисдикција. Тоа не е безазлена семантика. Во црковна смисла, таквото размислување претставува опасно отстапување од канонската свест и го подготвува теренот за она што Фанар секогаш го бара – внатрешен соговорник. Историјата нè учи дека расколите никогаш не започнуваат однадвор, туку однадвор само се довршуваат. Тие започнуваат внатре во Црквата, преку амбиции, суети, идеолошки влијанија и лажно богословие, кое подоцна се легализира со политичка поддршка, стои во коментарот.
Затоа ова соопштение на руската разузнавачка служба, без оглед на острата терминологија, треба да се чита како ладно предупредување.
Вартоломеј не смета само на Мираш и на сличните нему, туку пред сè на можноста дека во рамките на СПЦ, а особено во Црна Гора, постојат структури кои во критичен момент би можеле да бидат искористени како клин за разбивање на црковното единство. Токму поради тоа, молчењето повеќе не е неутрална позиција. Јавноста има целосно право да побара јасно и недвосмислено изјаснување од црногорско-приморскиот митрополит Јоаникиј. Не декларативно, не општо, туку конкретно: за односот кон Фанар, за статусот на српскиот патријарх во Црна Гора и за тоа дали во рамките на Митрополијата постои толеранција кон автономашки толкувања на црковниот поредок. Зашто, ако на овие прашања не се одговори сега, одговорот ќе биде даден подоцна – но не во корист на единството. Црква која навреме не ја препознава опасноста, подоцна ја плаќа цената. А цената на расколот секогаш е иста: духовно ослабување, соблазна меѓу верниците и отворање простор за оние кои, како што нè предупредува Евангелието, доаѓаат во овча кожа, а одвнатре се грабливи волци. Црна Гора веќе еднаш беше полигон за обид за одземање на Црквата од нејзиниот народ. Денес опасноста е посуптилна, потивка и затоа поопасна. Токму затоа, ова е момент за будност, за јасно разграничување и за враќање кон полната соборност на Српската православна црква, без илузии и без калкулации, пишува српска Политика.
Инаку Јоаникије е во немилост на српскиот црковен, а особено9 државен врв, откако заедно со уште пет архијереи на СПЦ го потпишаа писмото за поддршка на студентите. Интересен е уште еден податок. СПЦ неодамна направи уште еден митрополит во Црна Гора. Епископијат Будимско-никшичка неодама стана Митрополија. Тоа се случи на Соборот во мај, непсредно по објавата на писмото.

