Идеологијата „руски свет“ ѝ нанесува штета на Црквата како и иконоборците, порача митрополитот Епифаниј

Date:

Share post:

Митрополитот Киевски и на цела Украина Епифаниј објави порака по повод Неделата на Православието, во која се осврна на богословското значење на иконите и нивното централно место во православната вера.

Во својата порака, претстојателот на Православната црква на Украина потсети дека учењето на Црквата за иконите било конечно потврдено на Седмиот вселенски собор во Никеја (787 година), кој го отфрлил и иконоборството. „Богословското учење за иконите беше потврдено од Седмиот вселенски собор. Иконите не се само слики на Господ Исус Христос и на светителите, туку материјално сведоштво за нашата вера во вистината на воплотувањето на Синот Божји и во нашето спасение преку единството со Него и обожувањето по благодат“, истакна митрополитот.

  Тој објасни дека божествената природа е невидлива и не може да се изобрази, но Синот Божји навистина станал човек преку воплотувањето. Бидејќи Христос зел вистинско човечко тело, Неговиот лик, кој го виделе луѓето за време на Неговиот земен живот, може да биде претставен во иконографијата.

Според митрополитот, при почитувањето на иконите верниците не му оддаваат чест на материјалот, туку на личноста што е претставена. Така молитвите и почитта се упатуваат кон Христос, Богородица и светителите.

Епифаниј предупреди и на погрешни разбирања на иконите, нагласувајќи дека некои луѓе ги третираат светите слики суеверно, како самиот предмет да поседува посебна сила. „Црквата учи дека секоја благодат доаѓа единствено од Светата Троица“, посочи тој.

Во заклучок, митрополитот направи паралела меѓу историското иконоборство и современите идеолошки предизвици со кои се соочува православието. Како што иконоборците во минатото ја нарушувале верата на Црквата, така денес, според него, нови идеологии се обидуваат да го искриват православното учење.

„Како што во минатото иконоборците ја вознемируваа Црквата, така денес тоа го прават следбениците на ‘рускиот свет’. Но веруваме дека, колку и да трае, оваа бура ќе биде смирена со Божјата сила, вистината ќе победи и вистинското Православие – неискривено од лажни учења – повторно ќе триумфира“, нагласи митрополитот Епифаниј.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img