Хаос

Хаос

621
0

Тероризмот е насилство, но за кое насилство можеме да кажеме дека не е тероризам, кое насилство е “добро“ а кое е “лошо“ ? Зошто е нашиот тероризам оправдан а тероризмот на другите кон нас го сметаме како ужасно дело ? Шт го дефинира тероризмот?

Прочитав некаде дека според едно истражување што го направиле неколку експерти што се бават со анализа на тероризмот воопшто, регистрирале точно 109 дефиниции за него. Значи, самиот факт дека постојат толку многу дефиниции кажува дека постојат и толку ставови кон тоа зло што го тресе светот.

Во секој случај тероризмот останува нај употребуваниот израз во  последно време, но останува и прашањето дали сите што го употребуваат тој израз, го разбираат. Дали на сите им е јасно што значи тероризмот и што го предизвикува, дали треба терористите да ги делиме според идеологијата на која што и припаѓаат и според методите и целите што ги имаат..

И, над се, дали ни е јасно на сите нас дека кон секој тероризам треба да имаме исти ставови. Бидејќи, ако ги селектираме и ги класифицираме нашите ставови кон оваа опасност што се шири со неочекувана брзина, тогаш бадијала дискутираме и го анализираме тероризмот. Тие дискусии и анализи ќе останат само штура пропаганда и апологетика.

ТЕРОРИЗАМ ИЛИ ГЕРИЛА

Париз, Анкара, Истанбул, Брисел. Сите овие градови прокрвавија од терористите и во сите нив жртви беа недолжни луѓе. Со право, Париз и Брисел предизвикаа интерес на целата светска јавност и со нивната несреќа се солидаризира целиот свет. Но, неправедно, терористичките акти во Турција, иако со ист интензитет и можеби со по тешки последици, минаа во светската јавност многу по неприметено.

За да бидат сарказмот, иронијата и селективноста уште по изразени, некој рече дека  “Во Турција се работи за герилски акции и  жртвите претставуваат колатерална штета“.

Да експериментираш со ставот кон еден терористички акт и да го квалифицираш арбитрарно, неспорно значи дека кај едната страна, било која да е таа, ќе предизвикаш незадоволство и револт. Ако на сето тоа ја додадеме познатата фраза “Тоа што за некој е тероризам, за другите е борба за слобода“ која што екзактно ја објаснува политичката релативност на поимот тероризам,  станува по јасно со каков проблем се соочува светот.

Тероризмот е насилство, но за кое насилство можеме да кажеме дека не е тероризам, кое насилство е “добро“ а кое е “лошо“ ? Зошто е нашиот тероризам оправдан, а тероризмот на другите кон нас го сметаме како ужасно дело? Што го дефинира тероризмот?

Пишувајќи го овој текст, наидов на една шокантна видео сторија што кружи низ интернет. А во неа, еден израелски војник ладнокрвно екзекутира еден ранет палестинец кој што лежи на земја. Палестинецот, според израелците, бил „терорист“ кој што со нож ранил еден нивен војник. Ама, Палестинците пак се убедени дека момчето било борец за слобода и дека израелците се терористи.  Било како и да е, момчето го екзекутираа со куршум во главата, без некоја видлива потреба.

Во меѓувреме, дилемата се продлабочува и се импонира прашањето – зошто насилството на едната страна обично се нарекува „напад“ или „акција“, а противодговорот на нападнатиот секогаш е тероризам?

Вон ужасните терористички напади што се случуваат секојдневно и се закануваат количински и со интензитет, свесните луѓе се обврзани да го бараат вистинскиот мотив на тероризмот и да се обидат да изнајдат начин за да го превенираат. Со тоа што некои лица и групи ќе ги наречеме “терористи“, ние автоматски ги исклучуваме од нормите на нормалното однесување, дури и ги дехуманизираме. За жал, на тој начин не сме направиле исчекор, ништо што ќе го спречи тероризмот.

А тие, значи терористите, вдлабени во својата омраза и занесеност, по информациите што од време на време стигнуваат до јавноста, бараат други форми и можности за да предизвикаат хаос и по голем страв. Тие, меѓу другото, се обидуваат да се дофатат до оружјата за масовно уништување, при што нивните досегашни дела јасно покажуваат дека тие воопшто не би се двоумеле и да го употребат тоа оружје

КОЈ Е ИЗЛЕЗОТ

Не еднаш сум пишувал против тероризмот, нарочито против оној што се обидува да се прикаже себеси во исламско руво. Никогаш нема да прифатам дека во името на Алах може да се убиваат недолжни луѓе бидејќи тоа е најголемиот грев за кој што следи и најголема казна од Творецот. Во тоа сум убеден, во тоа верувам јас.

Но, никој не може да го негира фактот дека војните на Истокот го створија и го пуштија од ланци чудовиштето што се по тешко се контролира. Во моментот, бројот на борците на ИСИС само се зголемува. Бројот на луѓето спремни да се разнесат себеси во акција, исто така. Паралелно со тоа, повеќе од четири милиони луѓе се раселени само од Сирија, а голем дел од нив се упатени кон Европа која што веќе е сведок на не видена хуманитарна катастрофа.

Колку иронично звучи, но токму таа хаотична ситуација што и се случува на Европа и на сите нас, ја предвидуваа Гадафи и Асад, а тоа и го велеа во своите обраќања на почетоците на кризата. Се разбира, никој не им обрнуваше внимание на двајцата омрзнати диктатори, а нај малку странските тајни служби. Во секој случај, тероризмот и хаосот, како што велеа диктаторите, дојдоа на нашиот праг. А чарето?

Треба да се признае дека воените интервенции, историски гледано, не покажале некој забележителен успех  во борбата против тероризмот. И, не покажуваат некој аман аман успех ниту во актуелниов момент.  Затоа, свесни дека тероризмот веќе се експортира сериозно од кризните жаришта, веќе не е занемарлив бројот на тие што мислат дека е дојдено времето на овој проблем  да му се изнајде некое политичко решение. Бидејќи, во основа, проблемот и е строго политички, тој не е национален и никако не е верски.

Sulejman Redzepi 1Реков и на почетокот дека светот ниту точната дефиниција на тероризмот не успева да ја срочи. Како ќе го превенира и како ќе ја реши опасноста од бомбите што ни се закануваат, останува да се види.

Сите ние, муслиманите посебно, должни сме да помогнеме во изнаоѓање на решението бидејќи сме и должни да ја исчистиме дамката на тероризмот што се шири врз стеблото на Исламот. Светот е среде хаос, а Алах не го сака хаосот. Среќа, се уште не е дојдено времето на Армагедон.

Пишува: х. Сулејман еф. Реџепи

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *