Почетна Интервју Г.г. Стефан: Немаме територијални претензии кон други јуриздикции
Г.г. Стефан: Немаме територијални претензии кон други јуриздикции

Г.г. Стефан: Немаме територијални претензии кон други јуриздикции

386
0

Се очекува наскоро коресподенција, па и средба со Вселенската патријаршија за да се договори обзнанувањето на Томосот. Архиепископот Господин Господин Стефан во интервјуто за Радио Слободна Европа зборува и дека името на една црква никогаш не изразува етничка припадност, но и дека правата на малцинствата во некои од соседните земји треба да се третираат според европските стандарди. Вели дека тој и Синодот не биле против Францускиот предлог, само апелираат за зачувување на македонскиот идентитет.

Ваше Блаженство, oваа година се случија многу значајни настани за Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. Што значи тоа за Вас и како го коментирате развојот на настаните околу признавањето на нашата Црква?

Ова лето Господово, и покрај многуте искушенија и предизвици со кои се соочуваме и како народ, но и на глобално ниво, поминува во знакот на радосните собитија во животот на нашата света Црква. Имено, конечно почна да се остварува копнежот, и на минатите и на сегашните македонски генерации православни христијани – за прифаќање на нашата црковна реалност. Ќе си дозволам простор за потсетување на историјата на настаните: по годините молк од страна на СПЦ на барањата за обновување на дијалогот, нашиот Синод поднесе барање за Еклитон до Вселенската Патријаршија на 9 мај 2018 година, веќе на 30 мај излезе со официјално соопштение дека го прима барањето и дека ќе го решава нашето црковно прашање. На 11 мај 2019 г., Светиот Синод на ВП дискутираше по однос на нашето апелациско прибегнување, за на 9 мај 2022 г., со одлуката на Неговата Сесветост, Вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј, и на неговиот Свет Синод, се обзнани Патријаршискиот акт за нашето канонско приопштување и за признавањето на легитимноста на јерархијата и на црковна структура воопшто. Во овој документ стоеше и препораката за продолжување на разговорите со Српската Православна Црква околу надминувањето на меѓусебните недоразбирања. И тоа се случи многу брзо, благодарение на иницијативноста и добрата волја на Неговата светост, Патријархот г. г. Порфириј, па меѓусебните преговори завршија позитивно и со помирително сослужение, како што им доликува на православните браќа – најпрво во Белград, на 19 мај, во новиот храм „Свети Сава“, потоа во Скопје, на 24 мај, во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ и уште еднаш во Белград, на 5 јуни, овојпат во Соборниот храм „Свети Архангел Михаил“, кога СПЦ ни издаде Томос за автокефалност на нашата Света Црква. Потоа, на 12 јуни 2022 г., на празникот Педесетница, сослужувавме заедно со Неговата Сесветост, г. г. Вартоломеј во храмот „Св. вмч Георгиј“ во Фанар, потврдувајќи го канонското единство со Вселенската Патријаршија, а преку неа и со целата православна екумена. Сите случувања се единствен производ на Божјата љубов и на Неговото благоволение. Бог промислува и ги просветлува луѓето за добри дела. Таквото просветление се пројавува кај луѓе кои навистина се достојни да соделуваат во Божјите дела. Затоа сме благодарни на богопросветлените личности, и на Неговата Сесветост, г. г. Вартоломеј, со чија историска и грижлива одлука започна нашето сеправославно прифаќање, а и на Неговата Светост Патријархот г. г. Порфириј, кој потоа го прифати и го продолжи доброто дело.

Кој е следниот чекор, дали има конкретни најави кога ќе се случи добивањето на Томос за автокефална црква од страна на Вселенската патријаршија, по заедничката литургија со Вселенскиот патријарх Вартоломеј и наше примање во канонско единство?

Во периодот што е пред нас, а мојата надеж е тоа да биде во блиско време, треба да се дојде до конечното добивање на Томосот за нашата автокефалност од Вселенската Патријаршија. Таквиот Томос има општоправославно значење. Веројатно ќе следи писмена кореспонденција, можеби и средба за договарање на формалностите, како и за времето и местото на обзнанувањето на Томосот. Секако, сè ќе произлезе како став и одлука на полнотата на нашата Црква – олицетворена во Соборот на нашата јерархија.

Под кое име МПЦ-ОА ќе биде заведена во диптихот на Православните цркви што го води Вселенската патријаршија? Во меѓувреме и Бугарската Патријаршија одговори позитивно по однос на мирните писма од Цариградската Патријаршија и од СПЦ, оставајќи го под знак прашање именувањето на нашата Црква. Да потсетиме, тоа го остави како дилема и СПЦ во својот акт. Како тоа ќе се реши?

Станува збор за еклисиолошкото име со кое секоја Помесна Црква е заведена во општиот православен список, наречен диптих. Вообичаено тоа е името на центарот, или на градот-полис на територија што ја зазема Црквата, или на историската катедра, со посочување на современата територија каде што се простира јурисдикцијата во дадениот момент. Секако, историски, јурисдикциската територија се менувала во зависност од околностите, што исто така требало да е потврдено и озваничено со документ од меродавниот орган, а не со еднострана иницијатива. Во оваа смисла, Грчката православна црква е заведена со еклисолошкото име – Атинска Архиепископија и нејзината територија се протегала во границите на тогашната Грчка држава. И друго појаснување во оваа насока: името на Црквата никогаш не изразува етничка припадност. Православието не познава „ни Елини, ни Јудејци…, ни варварин, ни скит, ни роб, ни слободен, а сѐ и во сѐ е Христос“ (Кол. 3,11). Всушност, Христос сите „нѐ откупи за Бога од секое колено, јазик, народ и племе“ (Откр. 5,9). Верувам, во овој контекст, дека никој нема потреба ниту интерес за мешање во нашите внатрешни работи и внатрешното уредување, особено ако јасно се изразени и потврдени позициите.

Целотио интервју на РСЕ.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *