„Евровизија“ и културните војни за современиот европски идентитет

Date:

Share post:

Идеологијата на Александар Дугин со фанатичен занес „прочистува“ сè што е западно и модерно, демократско и либерално!

Пишува: доцент Костадин Нушев (за hristianstvo.bg)

Како културните трансформации на кремљовскиот комунистички прогресизам, преоблечен во нов кремљовски посткомунистички ретроконзерватизам, се обидуваат да наметнат нов културен идентитет на источноевропските нации и како ги заменуваат вредностите преку пропаганда на антимодерен и антиевропски традиционализам како сурогат на современиот национален идентитет.

Во последните две децении сме сведоци на една диригирана квази-конзервативна револуција и обиди за распламтување нова културна војна против модерните европски културни стандарди преку битка за наметнување конзервативни, антилиберални и ултратрадиционалистички ставови, убедувања и поредоци. На удар на оваа пропаганда и медиумска културна војна се Европа, заедничките европски стандарди и политики, модерната демократија, либералните слободи, човековите права, Еврозоната и најмногу – Евровизија.

Сите овие реалности, непријателски за еден антимодерен и псевдоконзервативен традиционализам и авторитарен режим, се предмет на непријателска пропаганда и жестока антидемократска, евроазиска, антимодерна и антиевропска критика, која се претставува како некаква „заштита“ на алтернативна традиционална култура или религиски идентитет. Во овие напори се стигнува до комични височини, па дури и до апсурдно и богохулно претерување кај поекстремните и ревносни агитатори и псевдокритичари.

Во Русија, на пример, конзервативните идеолози и теоретичари на современата уметност во пуритански занес го прогласија и Чебурашка за некаков религиски синкретичен и демоничен лик, опасен за децата како популарен анимиран јунак. Анатемисан беше и соодветниот детски филм. Сега веќе не е јасно дали волкот и зајчето од Ну, погоди!, крокодилот Гена и мачорот Леополд сè уште се позитивни херои за децата или веќе се претвориле во опасни демонични ликови на некакви њу-ејџ култови, синкретизам и постмодерен неопаганизам.

Идеологијата на Александар Дугин со фанатичен занес „прочистува“ сè што е западно и модерно, демократско и либерално! Идеологијата на „Руски мир“, која се гради врз евроазиски шаманизам, ја напаѓа модерната европска култура, обвинувајќи ја за сопствените гревови и гледајќи насекаде религиски синкретизам, паганизам, магиски практики и најмногу… модернизам.

Натпреварите за нови песни и поп-културата се омилена цел на критика на ова конзервативно и ретроградно идеолошко течение. Без разлика дали осудуваат родови идеологии кај западни изведувачи или, пак, сомнителни текстови на песни кај источноевропски изведувачи кои „изневериле“ на традиционализмот, целта е иста – „порочната Евровизија е опасна за културата и ја расипува младината“! А младите, за жал, не сакаат частушки или казачок, воени маршеви или носталгична и сентиментална естрада, туку со ентузијазам поддржуваат песни за слобода, бунт, кршење на окови, будење, потрага по смисла и креативно изразување преку сценски форми и музички стилови кои имаат космополитски карактер и современ звук за вкусот на денешниот глобален свет.

Сигурно постои суштинска културна и естетска разлика меѓу Банга-ранга и Чунга-чанга!? Сигурно Ала Пугачова и Филип Киркоров се миленици и идоли за дел од публиката, но за младите сето тоа е весел ретро-кремљовски естраден свет, со кој долго време колхозниот и комунистички прогресизам се воодушевувал пред „светлата иднина“ и се борел против западната „упадлива“ рок-музика на капиталистичкиот систем. Токму таа западна рок и поп-култура инспирира генерации млади луѓе за бунт и борба против оковите и угнетувањето во Европа, што доаѓаат од секој нов кремљовски тоталитарен или авторитарен антидемократски и милитаристички режим.

Младите денес не се воодушевуваат од воени песни како Катјуша, „Вставај страна огромнаја“ и сладникава естрада, а вкусовите брзо се менуваат. Лајфстајлот на тинејџерите исто така трпи брзи промени во дигиталната ера.

А обидите на младите луѓе и на пошироката публика да им се наметне културен стил, естетски вкус или идеологија и идентитет преку пропаганда и агитација, маскирани како уметничка критика, пропаѓаат уште во својот зародиш и водат само кон вештачки поделби и културни судири. Овие методи имаат поминат рок на траење и „отпадната потреба“, како што велат некои културни дејци денес. И нека не ја забораваат во својот занес и патос нашите критичари старата руска поговорка и животна мудрост: „ На вкус и цветь товарищей нет “!

1 COMMENT

  1. Ја знаете онаа српската “кад се сељо напудри…”? Е па така б’лгарсково провинциско мозоче се труди да замириса на таа пудра, а мирисот е сепак неподнослив. Значи, не е ни до пудрата ни до селото, туку до една некомпатибилна мешавина.
    Имено, пред триесетина години кога изгледа на почетокот од “американско-македонското стратешко партнерство” со извесна присутност на воени и разни наводно невладини американски структури во Македонија и на се’ помизерната безидејна ориентираност на македонската субкултура кон ефтината американска субкултура предизвика огромен културен бунт кај значаен дел од интелектуалната младина во Македонија од 1990-те (зборувам за автентични интелектуалци, со широка и силно изградена општа култура не за луѓе со факултетска диплома) отпатував на пет-шестдневен семинар во Софија, кој се одржуваше во кругот на универзитетскиот град, каде што беа сместени сите учесници. Тој универзитетски град (кој за жал денес не постои, претворен е во дискотеки и др. комерцијални фирми за забава од проамериканска ш-категорија) во она време предизвикуваше почит: со условите за сместување, за живот на студентите, со хармоничниот поредок, со извонредната управа, со бројот на сериозни образовни лаборатории и кабинети внатре, со навистина прекрасните студентски ресторани со одлични менија, со бесплатна понуда од сите аспекти на сериозниот, квалитетен студентски живот. Оддалечен е од градот, опколен со зимзелена шума, со останатиот дел од Софија го поврзуваа трамваи и веројатно автобуси. Во тие трамваи (полни со младина воспитана по урнек на “страшното” руско влијание) доживеав глетки за кои имав само читано во најдобрите дела на класичната литература: млади луѓе со неверојатен изглед, во класна елегантна гардероба, со најсофистицирани манири, секој со отворена книга пред себе во преполниот трамвај, во атмосфера на неусилена посветеност на стекнување знаења кои го украсуваат човекот и однадвор и однатре (не некоја извештачена трка по кариера со вечно променливи таргети со заеднички именител ‘што повеќе пари и престиж’), во најпријатната тишина без надгледник што сум ја доживеала на јавно место. Каква заостанатост, а? Ги среќавав во книжарниците, по клупите од парковите и улиците тие млади Бугари одраснати по руски терк, и како учесник на американски семинар којшто беше донел професор со катедри на неколу престижни универзитети да ни донесе ветар на промени, спас од “руското влијание”, кое за жал во Македонија апсолутно го немаше, на тие неверојатни млади Бугари им завидував.
    Рок културата на Запад била, е и ќе остане субкултура (под-култура, алтернативна култура на самоуките, култура на улицата, во која во огромна мера е навлезен криминалот, која многу одработува за криминалците и од која криминалот како дива економска гранка многу добро заработува). Дали е некаков бунт? За да го имате тој бунт, или за да имате право на тој бунт, прво треба да имате култура, класична култура. Неа за жал денес Западот ја нема. Или ја има како историски реликт. Повеќе од еден век ненадграденост. (Класичната култура секогаш има јак духовен темел. ) Знаете ли како денес изгледаат ликовните изложби на Запад? Имате ли претстава зошто нивните милионери купуваат ужасни уметнички дела кои извесно време ги чуваат во магацин, а потоа за нив организираат анонимни аукции за вештачко достигнување огромни цени за грдотиите на несфатените бездарни уметници, кои одненадеж се откажуваат да ги продадат, а подоцна по добро изрекламираната достигната сума ги подаруваат на престижните музеи? Мислам дека знаете, но да повториме: откако грдото уметничко дело со така набилдана вртоглаво висока цена ќе го подарат на музејот, државата ќе им даде даночно ослободување во висина на истата вредност, а ќе се погрижат да бидат прославувани и како филантропи.
    Кога пред неколку години (на почетокот од руските напади на Украин) Queen без покојниот Freddy Mercury со сите гости од преполната сала со смешна, подредена извештаченост акламираа ракоплескајќи во ритам “We Will Rock You” со јасна порака до Русите од другата страна на новоспуштената невидлива завеса, Queen како рок бенд со каква било идејна самобитност и таа песна изгаснаа засекогаш. Милиони млади луѓе од разни народи со генерации ширум светот дотогаш ја пееја таа песна насочувајќи го наративот токму кон злосторствата на американската војска во разни војни ширум светот, гледајќи ги “Пламените на Никарагва”, “Апокалипса денес” итн., но на крајот доживеаа да ги видат нивните рок кралеви како поддршка на американскиот естаблишмент, како обични слуги на корпоративниот капитализам. Додуша самиот Mercury во интервјуа се оградуваше од какви било пораки во неговите песни и од каква било желба да го промени светот (освен, очигледно правата на хомосексуалците и на квир заедницата), знаејќи дека тоа би можело да му го наруши конфорот и можностите на привилегиите на високото општество – значи, за каков црн бунт тука зборуваме?
    Не греши Дугин, за да може човек да манипулира со потенцијалите на суб-културата мора да има значителен духовен раст, една цврста класична култура, но патот до таму е долг и неизвесен: огромното мноштво останува заведено и ограбено на тој пат пред воопшто и да дознае за светлината на Првообразот и за темелите на класичната култура како таква. Не е Александар Дуги единствениот, ниту е Русија единствената (иако секако е најсилната) која истрајува во бунтот кон масовните културни падови кои еден по друг се дотолку поблиску до длабокото дно на бездната на човековото духовно промашување доколу повеќе секој претходен изгледа како непроценлива класика на својот жанр.
    И не е точно дека руската младина лудува по западните музички стилови и ѕвезди: денес во Русија младината ја смета руската народна носија за модна инспирација, Шаман е последниот култен пеач на национално разбудената руска младина, Pussy Riots се доживеани како шлајм на општеството, нема ниту имало културна самоизолација, ама нема веќе ни западен brainwash. Не само Русите туку и сите во светот сфатија што културата значи воопшто, кои се нејзините општествени двигатели, матрици и таргети, кога е автентична а кога е политички инженеринг, и за штетата која последниве децении доаѓа токму од Запад (го носи неверојатно намалениот углед на културата како општествена сфера).
    Отпорот на Русија последниве години ја сочува Евровизија од целосен колапс. За да знае некој што е слободата и за да може да се користи со неа прво треба да научи за слобода од своите слабости, од својот гревопад. Без тоа слободата е гола измама и самоизмама.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img