Православните и муслиманите во Русија се спротивставуваат на обидите религијата да биде оттурната од јавниот простор и прогласена за приватна работа на човекот, изјави митрополитот Казански и Татарстански Кирил (Наконечниј) на седницата на Групата за стратешко визионерство „Русија – исламски свет“ во Казанската духовна семинарија, објави Риа Новости.
„Религиозното искуство, вековната припадност на одредена нација кон својата религиозна традиција, продолжуваат да ја обликуваат културата на народот и државата, да го определуваат она што можеме да го наречеме нејзин ‘цивилизациски код’. Токму затоа нам, верниците, ни изгледаат сосема погрешни обидите религијата да се прогласи за приватна работа на човекот, оттурнувајќи ја од јавниот простор, криејќи ја од погледите зад ѕидовите на ‘култните објекти’, насилно одделувајќи го од неа цивилизацискиот пат на народот и државата. Мислам дека во ова ние, христијаните и муслиманите, сме целосно солидарни“, рече митрополитот Кирил.
Тој нагласи дека и муслиманите и православните работат на тоа „да ја надминат вештачки создадената бездна меѓу ‘современата’ секуларна култура и вистинската култура, заснована на традиционалните вредности и повеќевековното искуство на нашите народи“. Тој, исто така, говореше и за „божественото потекло на културата“.
„Латинскиот збор cultura, што значи ‘обработување’, ‘воспитување’, ‘образование’, ‘развој’, потекнува од зборот cultus – ‘почитување’, ‘поклонување’, ‘култ’. Затоа е сосема очигледно дека културата на секој народ во своите длабоки, темелни основи почива врз религиозното начело. Создавајќи го човекот, Бог го поставил во рајот, заповедајќи му да го обработува и чува Неговото создание. Така, културата како зачувување на околниот свет и грижа за него претставува дело што ни е заповедано од самиот Господ“, нагласи јерархот.
Според неговите зборови, погубноста од развојот на културата одвоено од религијата, а особено во спротивставување кон неа, „ја гледаме во тие тажни појави на современата цивилизација со кои се соочи човештвото“.
„Како што е лажно мислењето за задолжителен конфликт меѓу верата и разумот, науката и религијата, Црквата и културата, така се лажни и претставите за задолжителен конфликт меѓу различните религиозни традиции и системи. Погрешноста на ова мислење се потврдува и со нашиот сегашен конструктивен православно-муслимански дијалог“, заклучи митрополитот Кирил.

