Митрополитот Епифаниј Киевски и на цела Украина на 2 јули ја отслужи Божествената литургија во храмот „Покров на Пресвета Богородица“ во селото Бобрица, во Бучанскиот округ, при неговата прва посета како поглавар на оваа парохија, откако таа во 2022 година премина во Православната црква на Украина.
Сослужувајќи со свештенството и верниот народ, митрополитот Епифаниј упати молитви за украинските војници, за страдалниот украински народ, како и за сите оние што ги загубија своите животи во текот на војната што сè уште трае.
Во пораката објавена на социјалните мрежи, поглаварот ги осуди континуираните руски напади врз цивилното население и инфраструктурата, оценувајќи дека агресорот настојува морално и духовно да го скрши украинскиот народ и да ја избрише државата од картата на слободна Европа.
Митрополитот Епифаниј нагласи дека христијаните се повикани на ваквите предизвици да одговорат со љубов, пожртвуваност, милосрдие и служење на ближните. Тој, исто така, ја истакна важноста од зацврстувањето на црковното единство, повикувајќи ги православните верници да се обединат околу Киевската катедра во рамките на помесната, автокефална Православна црква на Украина.
„Единството е нашата сила и клучот за победата“, истакна тој, изразувајќи уверување дека, со вера во Бога, украинскиот народ ќе ги издржи сегашните искушенија и ќе излезе посилен од нив.
/orthodoxtimes

