Единство или зависност од грчкиот блок цркви: посетата на албанскиот архиепископ Јован во САД разгоре остра полемика

Date:

Share post:

Посетата на Архиепископот на Црквата на Албанија Јован во Соединетите Американски Држави, каде што богослужеше на сеправославна архијерејска Литургија во Масачусетс заедно со Архиепископот Елпидофор и други јерарси, во најголем дел беше оценета како силен симбол на православно единство.

Но, паралелно со официјалната порака за видлива и суштинска кохезија меѓу Црквите, се појавија и критички реакции.

Во објава на социјалните мрежи, поранешниот свештеник на Православната Црква на Албанија, Фати Цоци, реагираше на фактот што албанскиот архиепископ богослужеше во грчка парохија во близина на Бостон токму на Неделата на Православието. Во својата реакција тој повторно ја отвори тезата дека раководството на Црквата на Албанија е под силно грчко влијание, став што го изнесува во континуитет и во однос на претходниот поглавар, Архиепископот Анастасиј, а сега и во однос на Архиепископот Јован.

Историскиот контекст на оваа чувствителност се поврзува со настан од 1908 година, кога Фан Ноли во Бостон служи литургија на албански јазик. Тој чин во албанската историографија се смета за клучен момент во афирмацијата на богослужбената употреба на албанскиот јазик и во формирањето на посебна албанска православна црковна свест во дијаспората.

Во подоцнежните литургиски изданија на албанската традиција во САД, првата Недела од Великиот пост добива и дополнителна симболика како спомен на таа прва албанска Литургија во Бостон. Затоа дел од албанската јавност го доживува овој ден не само како општоцрковен празник на триумфот на православната вера, туку и како ден поврзан со национално-црковната еманципација.

Од таа перспектива, критичарите сметаат дека симболиката на местото и јурисдикцијата на богослужењето не е без значење. Според нив, историската борба за јазикот и идентитетот не може лесно да се одвои од современите меѓуцрковни односи.

Од друга страна, поддржувачите на посетата истакнуваат дека сеправославнотото сослужување во Масачусетс, со архијереи од различни јурисдикции, е израз на канонско единство и не претставува отстапување од автокефалниот статус на Црквата на Албанија. Тие потсетуваат дека токму во времето на Архиепископот Анастасиј беше обновена и институционално зацврстена Црквата во Албанија по децениите на атеистичкиот режим, при што албанскиот јазик остана централно место во богослужбениот живот.

Дебатата што се отвори ја надминува конкретната посета. Таа повторно ја поставува старо-новата дилема: како да се сочува историскиот и национален идентитет, а истовремено да се гради видливо православно единство во глобален контекст. Неделата на Православието во Масачусетс се претвори во огледало на подлабоки прашања за односот меѓу верата, јазикот и црковната припадност помеѓу православните Албанци.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img