Донација од верниците на МПЦ во Караун Поинт: Апарати за домаќинство за најзагрозените 15 семејства од поплавите во скопско
Свештенството при храмот „Свети Николај Чудотворец“ во Аеродром, со благослов на Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, ја реализираше донацијата што од страна на верниците и управата при црковната општина „Свети Петар и Павле“ од Краун Поунт, Индијана – САД беше испратена како помош за постраданите во невремето и поплавите што зафатија одредени населени места во главниот град пред неколку месеци.
15 најзагрозени семејства добија апарати за домаќинство. Од храмот „Свети Николај Чудотворец“ во Аеродром велат дека помошта од македонските верници од Америка како донација во вредност од 5. 500 американски долари, пристигнала на сметката на овој храм, со барање истата да се реализира исклучиво и во целост во поплавените места на начин на којшто ќе биде одлучено, а воедно со молба и со одреден паричен заем да биде помогнато и соцјално загрозено семејство од Охрид.
-На предлог од парохискиот свештеник при храмот „Свети Николај“, старешината при храмот „Свети Петар и Павле“ – презвитер Георгиј Глигоров, со чие залагање била собрана донацијата, се согласи да бидат купени апарати за домаќинство. Со помош на еден од свештениците од Скопската православна епархија – презвитер Златко Малинов, кој живее во н. Стајковски и кој и самиот пострада во поплавата, беа избрани семејства кои претрпеле навистина голема штета, семејства со еден или ниеден вработен и семејства кои се социјално загрозени. Така, во пресрет на празникот посветен на нашиот патрон и молитвеник – свети Климент Охридски, на 15 семејства од Стајковци, Бутел, Црешево и Брњарци им беа доставени потребните апарати. При анкетирањето, во едно семејство беше кажано дека тие ќе можат и самите да се снајдат и дека не им е ништо потребно – да се донира таму каде што навистина треба. На нашето инсистирање, рекоа дека, ете, може да се купи велосипед за детето, зашто неговиот надојдената вода го однела, а сега не е приоритет за купување на такво нешто. Ние решивме и го израдувавме детето – кое е родено токму на свети Климент. Му благодариме на Бога, на свети Климент, на верниот народ и свештеникот при храмот во Краун Поинт за можноста да помогнеме и да израдуваме дел од оние што поднесоа такво страшно искушение. Името на свети Климент значи милост, од каде што доаѓа и зборот милостиња. Да правиме милосрдни дела искрено и во името на Бога, вели Отец Бобан Митевски од црквата во Аеродром.