Почетна Вести Девет теракотни икони од Виничко Кале на изложба во Музејот „Ашмолијан“ во Оксфорд
Девет теракотни икони од Виничко Кале на изложба во Музејот „Ашмолијан“ во Оксфорд

Девет теракотни икони од Виничко Кале на изложба во Музејот „Ашмолијан“ во Оксфорд

185
0

Девет средновековни теракотни икони од Виничкото Кале идната година ќе бидат дел од големата изложба на Музејот за уметност и археологија „Ашмолијан“ при Универзитетот во Оксфорд.  Презентацијата е една од активностите на соработка помеѓу овој британски музеј и Министерството за култура на Република Македонија, за што денеска во Скопје Меморандум потпишаа Пол Робертс, програмски директор во „Ашмолијан“ и министерката Елизабета Канческа-Милевска.

Изложбата во која ќе учествуваат и виничките теракоти е насловена „Религиите во големите империи“. Ќе биде отворена во октомври 2017 и ќе трае до јануари 2018 година, а за македонското претставување ќе биде задолжен Археолошкиот музеј на Македонија.

Робертс истакна дека изложбата ќе го прикаже растот на големите религии: христијанството, исламот, јудаизмот, будизмот и хиндиузмот.

beti-i– Драго ми е што во прикажувањето на различните религии и периоди покрај Велика Британија и Франција ќе биде вклучена и Македонија и идната година на нашата изложба ќе донесеме девет прекрасни теракотни икони од локалитетот кај Виница.  Тие ќе бидат многу важен дел од изложбата затоа што го ислустрираат моментот кога уметноста на христијанството станува цврста, се кристализира, а тие се најдобри примери што го покажуваат тоа. Имате музеј во Скопје и други музеи низ Македонија кои имаат големо богатство за кое луѓето во Велика Британија во моментов не знаат. Но по изложбата следната година, ќе знаат, рече Робертс.

Тој за време на престојот во Македонија  посетил неколку музеи и локалитетите Скупи и Стоби. Рече и дека очекува по изложбата догодина да бидат отворени уште многу други можности за соработка со музеите во Македонија, како  конференции, изложби, размени…

Министерката Канческа-Милевска, која пред два месеца го посетила „Ашмолијан“, смета дека Меморандумот ќе придонесе македонските музејски институции со него да имаат плодна соработка.  Посочи дека оксфордскиот музеј „Ашмолијан“, основан во 1683 година, содржи збирки од разни цивилизации и илјадници предмети кои датираат од 8000 години п.н.е. до денес, дела на ренесансните мајстори Микеланџело, Рафаело, Да Винчи, библиски ракописи, вредни артефакти…

– Од огромно значење е што на големата изложба ќе учествуваме со девет вредни теракотни икони. Тие се сублимирани пораки за најраните христијански догми, придружени со латински натписи изведени во длабок релјеф. Опишуваат сцени или ликови и во нив е вградена концизна теолошка порака. Најчести теми претставени на иконите се од Стариот и од Новиот завет, илустрирани псалми, христолошки претстави и претстави на христијански светители, рече Канческа-Милевска.

За поврзувањето со музејот „Ашмолијан“ таа и заблагодари на проф. Славица Вајт од Фондацијата „Кирил Трајковски“, која е основана пред  четири  години во спомен на нејзиниот брат и познат археолог.

Вајт истакна дека целта на Фондацијата е делото на нејзиниот починат брат Трајковски да го продолжат преку поддршка на образованието и археологијата во Македонија за, како што рече, познавањето за македонското културно богатство да се прошири во Велика Британија каде што живее таа, но и во други држави низ светот.

– Фондацијата е прилично млада, но досега имаме постигнато многу добри резултати. Воспоставивме постојана размена на професори помеѓу Универзитетот во Оксфорд и Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје и минимум четири размени имаме годишно. Освен тоа, дадовме и четири стипендии за дополнително образование во Велика Британија, а сега работиме на организирање постојана археолошка конференција. Првата ќе биде во Британија, а потоа во Македонија…, рече Вајт.

/МИА

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *