Духовниот лидер на тибетскиот будизам, Далај Лама повика на прекин на глобалните конфликти преку дијалог и дипломатија во објава на социјалната мрежа Икс.
Осврнувајќи се на пораките на папа Лав XIV упатени за време на литургијата по повод католичкиот празник Цветници, Далај Лама изрази целосна поддршка за, како што наведе, „силниот повик за мир“.
Тој истакна дека апелот за напуштање на насилството и оружјето се совпаѓа со суштинските учења на сите големи религии, вклучително христијанството, будизмот, исламот, хиндуизмот и јудаизмот. „Насилството нема место во ниту едно од овие учења. Историјата покажува дека насилството раѓа ново насилство и не може да биде основа за траен мир“, порача Далај Лама.
Според него, долгорочното решавање на конфликтите, како оние на Блискиот Исток и меѓу Русија и Украина, мора да се темели на дијалог, дипломатија и меѓусебна почит.
На крајот, духовниот лидер повика на итен прекин на насилството, нагласувајќи дека сите луѓе, на најдлабоко ниво, се поврзани како браќа и сестри.

