Духовниот водач на тибетските будисти, Далај-лама, никогаш не се сретнал со американскиот бизнисмен Џефри Епстин, се наведува на неговата официјална интернет-страница.
„Во некои неодамнешни медиумски извештаи и објави на социјалните мрежи поврзани со ‘случајот Епстин’, се прават обиди неговата светост Далај-лама да се доведе во врска со Џефри Епстин. Можеме недвосмислено да потврдиме дека неговата светост никогаш не се сретнал со Џефри Епстин и не дал одобрение за какви било средби или контакти со него во негово име“, се наведува во соопштението.
Појаснувањето следува по извештаи на повеќе индиски и меѓународни медиуми, според кои пребарување на веб-страницата на Министерството за правда на САД покажало дека зборот „Далај“ се појавува околу 169 пати во електронска пошта, документи и други записи во таканаречените „досиеја на Епстин“. Според медиумите, името на Далај-лама се споменува во препратени новинарски текстови и во случајни упатувања на неуспешни обиди за организирање настани или средби, при што во досиејата нема докази дека се одржала каква било реална средба или директен контакт.

